Заев повтopно paзговаpaл со лажна личнocт

Хибриден напад врз премиерот Зоран Заев, во кој бил злоупотребен идентитетот на младата еко-активистка, Грета Тунберг е разоткриен пред неколку дена, изјави денеска ПР советникот на премиерот, Марјан Забрчанец, на дискусијата за дезинформации на конференцијата е-Општество.

Тој во своето излагање соопшти дека манипулаторите употребиле брендирани е-маил адреси и телефонски броеви, и преку официјално барање до македонско дипломатско претставништво, успеале да закажат и да реализираат телефонски разговор со премиерот Заев, претставувајќи се како Грета Тунберг и нејзиниот татко.

Одредени делови од разговорот биле сомнителни за премиерот и за неговите советници, но сепак била донесена одлука разговорот да оди до крај, со цел да се разоткрие сомнежот.

-Веднаш после завршениот разговор, ги направивме сите проверки за верификација на идентитетот на соговорниците и денес со сигурност можеме да кажеме дека разоткривме хибриден напад врз кабинетот на премиерот. После разоткривањето, стапивме во контакт со семејството на Грета, ги известивме за сите детали, ги известивме дека ќе објавиме во јавност, а од таму добивме одговор дека и тие се многу вознемирени од ваквите вести, дека ќе пријават за злоупотребата до надлежните органи, и дека се многу благодарни што сме ги информирале за оваа злоупотреба, додаде Забрчанец.

Според него, овој случај на хибриден напад е многу пософистициран од случајот со руските пранкери, но внимателната комуникација овозможила да биде разоткриен и разобличен.

Забрчанец во своето излагање уште додаде дека ваквите софистицирани хибридни напади врз демократските влади имаат цел да ги затворат и уплашат отворените општества, но дека македонската влада нема намера да отстапи од отвореноста и транспарентноста за која се залага.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.