Емануел Макрон порача: Европа не смее да биде себична! Франција е тука да и помогне на Италија

Францускиот претседател Емануел Макрон денес се заложи за буџетска солидарност во Европската унија во борба против коронавирусот и истакна дека “Европа не смее да биде себична”.

Во интервју за најчитаните италијански весници тој предупреди дека кризата не може да се надмине без европска солидарност, пренесува Ла Стампа.

Тој истакна дека Франција ќе застане со Италија.

“Франција е тука да и помогне на Италија. Она што ме загрижува е болеста на секој човек, а ако не покажеме солидарност Италија, Шпанија или некој друг на европските партнери ќе им рече: каде бевте кога бевме на фронтот? Не сакам себична и поделена Европа”, нагласи Макрон.

Истакнувајќи дека многу се зборува за кинеската и руската помош на Италија, тој го постави прашањето зошто никој не кажува дека Франција и Германија на Италија и испорачаа помош од 2 милиони маски и десетина илјади заштитни одела.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.