Драгоцените камења на Прилеп: Прилепчанец располага со колекција тешка 50 килограми

Богатството од благородни камења – Прилеп – бастион на драгоцени камења

Со прилепскиот курназлак, се наоѓа бизнис и во каменот, не во обичниот, туку во скапоцениот, оти околината на градот е ризница и бастион на драгоцените камења. Лежи и тежи под корунд, баран на светските пазари. Одамна фотографиравме збирката на скапоцени камења на Зеко Асаноски – пишува неделниот весник “Зенит”

Шеесет иедно годишниот Асаноски е еден од десетината прилепчани кои собираат скапоцени камења. Колекцијата му ,,тежи,, 50 килограми. Ги собирал со години од љубов, а не за “бизнис”.

Зеко беше рударски техничар во Мермерскиот комбинат. Работата го донела до “златната кокошка”. Не знаел ништо за “бисерите”, а сега е “експерт” за камчиња.

– Немав “три чисти” за драгоцените камења. Во рудникот Сивец сите зборуваа корунд. Ме заскокотка љубопитноста. Прашуваа и странци. Најдов црвено камче и мислев дека е обично. Го чалгав, а тоа било драгоцен камен кој го нарекувале, минерал, рубин или раритет, како што ги викаат. И колегите собираа розеви камчиња, отпадоци од мермерните блокови. Кога се “пукаат” блоковите, паѓаат парчиња кои се викаат патари. На дожд светкаат и се наоѓаат. Одвреме – навреме собирав. И ми стана “традиција”, хоби – вели Асаноски.

-Камчиња собирал по невреме, по врнежи. Директорите не нé спречуваа за изнесување. Ништо не крадевме. Секој земаше што ќе најдеше. Нема некој од Мермер да не собирал камчиња. Си раскажувавме кој колку и колкави камења нашол. Месечно се наоѓаа по неколку. Ги има во изобилство, но треба да се бараат – вели Зеко.

Камче колку нокт вредело 10 – 20 евра

Не открива со какви се драгоцените камења располага. Вели дека околината е богата со употребливи камчиња за изработка на накит. Поголемите парчиња се поскапи. Ги земаат колекционери на минерали. Во Сивец се наоѓале црвени, розеви и зелени. Не знае како се викаат стручно. Црвените ги викале корунд од длабочината на мермерот и на површината на патот за Присад.

– Располагам со околу 50 килограми скапоцени камења. Народот не ги препознава. Вредноста дури не ја знам. Зависи од јачината на каменот. Едно камче колку нокт, велат дека одело од 10-20 евра. На кило, и до 100 евра. Ниска е цената. За камењата се интересирале Словенци. Ги обработувале за рубини за часовници, за накит, за обетки, за прстени. Не знам дали имаат друга индустриска примена. Ги собирам од хоби и кеф да се пофалам и да се гордеам. Ги бараат, странци, но не ги давам – вели Асаноски.

Ако дојде “нож до коска”, ќе ги даде на кило да ја прехрани фамилијата. Поголемите од орев би ги дал и на парче.

Со време научил да препознава аматерски.

– Еден корунд може да биде во разна геометриска форма или пак колку тупаница, змијска глава, но најмногу се ценат со боја на месо – удина – вели Зеко.

Собирањето камења му е пасија, како што се мераклиите за создавање на збирки на поштенски марки, стари пари и значки.

– Им се восхитувам на бојата и формата. Ги прередувам и ги чистам со солна киселина. Не се живее од камчињата, ама не ги давам. Ми лежат, заљубен сум. Мерак. Би ги дал, само во криза – Ако се остават подолг период, каменот паѓа и останува само корундот – вели Зеко.

Од чаршиски муабети знаел дека едно камче колку орев е од 20-30 до 50 евра.

Само во Прилеп има корунд. Нема на друго место во Европа. Имало во Бразил, Индија.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.