“Без потеклото, култyрата и историјата сме како дрво без корен”: Интервју со Дарија Андовска – Професор, композитор и гласен поборник за македонскиот идентитет

Дарија Андовска е претставник на најмладата генерација македонски композитори и важи за еден од најизведуваните млади композитори од Македонија во странство. Андовска е професор на Музичката академија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и со сигурност може да се каже дека е еден од омилените кај студентите. Се работи за личност чии композиции се изведувани во Швајцарија, Италија, Германија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Мексико, Канада, САД, Ерменија, Полска…Толку богата музичка и творечка кариера, а толку млада. Покрај музичкото творештво и професорската професија, Андовска е и голем поборник за идентитетските прашања и жесток критичар за променетото име на државата, како и договорот со соседна Бугарија. Интервјуто во продолжение е можеби долго, но вреди да се прочита до последен збор, затоа што ваквите луѓе се тие кои во иднина ќе останат запомнети.

Важите за еден од најизведуваните македонски автори на современа музика во странство. Кажете ни што подразбира да се биде композитор на ваков жанр на музика и како се определивте токму за тоа?

-Уметничката музика, освен емоциите, бара активирање на интелектот, бујна креативност и, покрај стручните знаења и занаетот, многу широки познавања од различни области. Веројатно токму поради тоа никогаш не била од интерес за пошироката публика, но и затоа мене ме привлече. Компонирам од мојот прв контакт со пијано, на седумгодишна возраст. Потекнувам од скромно семејство на интелектуалци, кои ја дадоа целата своја животна заштеда за, на мое инсистирање, да ми купат пијано по тој прв контакт. Како дете, а и сега, имам многу интереси- цртам, пишувам, бев солиден математичар- но празната страница со петолинија секогаш била и ќе биде најголем предизвик. Онаму каде повеќе ни зборови ни слики не се доволни за да се долови чувство- таму настапува музиката.

Иако сте сеуште млада зад себе имате богато искуство и богато резиме. На кратко каде се’ досега имате стекнато професионално искуство и каде се’ се изведуваат вашите музички дела?

-Додипломските студии ги завршив во Скопје, каде ги почнав и магистерските, но не ги завршив бидејќи прерано почина мојот долгогодишен ментор, професорот Гоце Коларовски. Вторите мастер-студии ги запишав во Цирих, Швајцарија, во класата на извонредната композиторка од Германија, проф. Изабел Мундри, а како втора специјалност ми беше филмска музика и продукција, во класите на проф. Андре Белмо и проф. Доменико Ферари. Докторски студии запишав во класата на проф. Каја Черновин, на Харвард Институтот во САД.

Моите дела се изведувани на реномирани фестивали и концерти во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Кина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Јапонија, Мексико, Малта, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД, а некои од нив се дел од енциклопедии, задолжителна настава и годишни предавања, како во Лос Анџелес, САД и Осака, Јапонија.

Кога би можеле да издвоите неколку дела од вашето музичко творештво, на кои ваши дела сте исклучително горди?

-Многу тешко прашање. Тоа е исто како да прашате родител кое дете му е најдраго 🙂

Дарија, имате посетено многу градови и делови од светот. Колку патувањата ве инспирираат во вашата работа и дали кога би можеле, и што од земји како Швајцарија, Германија, Русија…. би пресликале тука кај нас во Македонија?

-Патувањата ми се најважната инвестиција во животот. Имам среќа што голем дел од патувањата ми се службени, па така обезбедени финасиски од фестивалот кој ме кани (да не помислите дека некој тука инвестира во мене), а често и јас самата штедам за да заминам на некое егзотично место.

За секој слободен дух, движењето и патувањата се неопходни. Запознаваш нови култури, начин на живеење, традиции, храна, се интензивираат сите сетила, се полни душата. И уште поважно- се создаваат пријатели и пријателства кои се доживотни.

Би сакала да го возобновиме вистинскиот медитерански дух на уживање во секој момент, да ги изгубиме паланечките навики на интерес за туѓите животи, да се здобиеме со германска одговорност, јапонска прецизност, руска издржливост, француска рафинираност, шпанска страст, италијанска љубов кон убавото, словенечка грижа за природата, холандска опуштеност, тајландска смиреност, српска борбеност, кинеска љубов и почит за традицијата…

Од студентите сте пофалени за вашиот начин на настава и пренесување на знаењето. По што се толку посебни вашите предавања на Музичката академија и каков е вашиот однос со судентите?

-Имајќи го предвид моето искуство со даскали, се обидувам на моите студенти да им го понудам и дадам она кое мене ми недостигало во процесот на образование. Со чесни исклучоци во однос на моите даскали, се разбира. Не сакам да наметнувам слика на лажен авторитет, па затоа инсистирам да не си персираме, туку да сме на прво име, со сета почит. Авторитетот се создава од тоа што тие осознаваат дека го добиваат од мене, притоа да не се оптоварени со страв и стравопочит. Им го давам сето знаење и умеење со кое располагам, со многу љубов. Секогаш сум на располагање и временски, за дополнителна настава, и за сите можни прашања, независно дали се од струката или бараат совет за животни ситуации. Се обидувам да им ја разбудам љубопитноста, да им ги проширам хоризонтите, да ги освестам за вредноста и минливоста на животот. Нашиот однос понатаму прераснува во пријателство со многу доверба. А така најдобро се учи.

Моментално работите на композиции кои треба да бидат изведени во Минхен. Кажете ни за што се работи?

-Тоа се три композиции базирани на три народни песни по избор на Милан Силјанов, феноменален бас-баритон кој е родум од Македонија, роден во Швајцарија, а живее и работи во Минхен. Композициите се напишани специјално за неговиот настап на серијата концерти на Bayerische Staatsoper (Државната опера во Минхен) кои се под името “Звуци од татковината“. Силјанов, во придружба на пијаниската од Грузија, Нино Чоконелиџе, неговата животна сопатничка, ќе пее композиции од Швајцарија, базирани на нивниот народен мелос, а од Македонија ќе ги пее “Со маки сум се родил јас“ и “Си заљубив едно моме“. Требаше да ја пее и “Сношти минав покрај вази“, но за жал, поради временското ограничување, таа композиција ќе ја изведе на друг концерт.

Освен на музички план, доста активни сте и на социјалните мрежи. Важите за голем критичар на моменталните политички случувања во Македонија, особено на политиките на власта во поглед на националните и идентитетските прашања. Кажете ни што е тоа што кај вас предизвикува такви реакции, односно што и земате за “грев” на власта предводена од СДСМ?

-Како слободен човек, неоптоварен од партиски индоктринации, отсекогаш сум сметала дека улогата на интелектуалецот е да биде огледало на современието, критичар и коректив на власта, без разлика кој е на власт. Истата позиција ја имав и со претходната власт. Оваа власт ги направи најголемите гревови, без наводници, во современата историја на Македонија. Не само што ги запоседнаа фотелјите со ветувања за правна држава, “името не го менуваме, кој ве лаже дека ќе има двојазичност“, туку и се уротија со оние кои требаше да ги прогонуваат, го расчеречија и распродадоа она малку достоинство и држава во обид кои ни останале, како јазикот и историјата. А власта е толку квалитетна, колку што е и опозицијата, за што имаме солидно искуство. Сепак, не паметам поцрн период, кој е дотолку пострашен зашто се чини дека е неповратно и без можност за заздравување од сето зло кое е сторено.

Како е да се биде универзитетски професор жена патриот и дали за вашите ставови трпите критики и притисоци?

-Сосема нормално дека, во ваква партизирана и корумпирана држава, сите сме подложни на притисок. И тие кои го заложиле образот и имаат хипотеки кои ги одработуваат, и вакви како мене, кои немаат “грб“ (што партиски, што клановски) и се на удар од сите страни. Критики и притисок имало и ќе има. Мое/наше е да се бориме за вистината и правдината, како што тоа го правеле нашите предци- тие по цена на живот, ние по цена на мир, спокој и животен стандард.

Иднина без историја и минато, или минато и историја како патоказ за иднината? (образложете го вашиот одговор)

-Секогаш второто. Историјата не можеме и не смееме да ја менуваме поради било чиј каприц и било каков услов. Единствено нешто кое можеме да го промениме е иднината, но тоа само под услов да знаеме кои сме, што сме, од каде потекнуваме. Оти без потеклото, култyрата и историјата сме како дрво без корен.

“Оној кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото, а оној кој го контролира минатото, ја контролира иднината.“ Џ. Орвел

Кое е вашето мислење, имаат ли Македонците простор за надеж и дали се’ е загубено во моментов?

-Се’ ќе биде изгубено доколку продолжиме со молкот и линијата на помал отпор. Ни ја уништуваат татковината систематски, а сите молчат во страв. А и на тоа сметаат, знаете- на стравот, на питомоста на овој народ. Тоа што сега ни се случува е срамота да се премолчи. Автогеноцид со предумисла. Сега е последен момент за реакција, понатаму се плашам дека ќе биде предоцна.

Кон крајот и за вашата голема спортска љубов Вардар. Зошто Вардар и фудбал, или ракомет, или двете?

-Групни спортови, секако. Сакам и уживам да ја гледам стратегијата, борбеноста, интелигенцијата на поединците и во колективот. Спортот е сличен со музиката- кога си на “терен“, не можеш да лажираш- или си доволно добар или не си и сите тоа го гледааат. А зошто Вардар? Скопјанка сум и Македонка, треба ли повеќе? 🙂

За крај која е вашата порака до сите оние кои ги делат вашите ставови и размислувања, како граѓаните кои се чувствуваат повредени од ваквиот расплет на идентитетските прашања во изминатите години, да постапат сега кога државата е пред нов изборен циклус?

-Департизација, меритократија, крај на корупција. Многу труд, трудољубивост, љубов, желба и безрезервно и несебично инвестирање во подобар живот за сите. Оттаму да почнеме. Ама сите. Сметам дека они кои учествуваа(т) во парчосувањето и поткопувањето на идентитетските референци, пасивно или активно, треба да бидат судени и осудени за велепредавство. Тоа за мене значи дека ќе излезам на избори и ќе гласам само доколку некој излезе и гарантира дека ќе ги поништи двата понижувачки и девастирачки договори. Тоа е единствениот одговор на овој повампирен фашизам и геноцид кој ни се случува. Доколку не постапиме така, тогаш е тоа автогеноцид и никој, ама баш никој нема да ни биде крив. Македонија е се’ што имаме.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.