Интервју со Александар Маркоски – Магистер по правни науки на пат да стане успешен писател

Успешен во изборот на професијата, напорно чекори и се искачува кон својата цел да стане успешен правник, а сега се докажува перфектно и на полето на литературното творештво. На свои 26 години зад себе има веќе две успешни промоции на книга, а желбата и понатаму да твори во него постојано гори. Александар Маркоски неодамна ја издаде својата втора книга насловена како “Aпотеоза на смртта”. “Во знак на револт кон смртта, преку засилена употреба на реалистичен цинизам, ја исмевам сведувајќи ја на минлив обред низ кој сите ќе поминеме порано или подоцна”, така младиот творец ја опишува инспирацијата за делото кое претставува збирка на раскази. Во продолжение разговараме повеќе околу неговиот нов наслов, идните планови и неговата животна филозофија.

Александар, втора книга, пообемна од претходната. За почеток кажи ни од каде инспирацијата за пишување?

Создавањето на било какво уметничко дело го сметам за метафизички чин, во кој суштината на она што сакам да го пренесам, претставува плен што се обидов да го заробам во мрежата од зборови. Впрочем сите мисли кои сум ги изразил преку книгата, а претходно сум ги преработил во главата, се нашле таму благодарение на луѓето кои ги познавам, па дури и оние кои не ги познавам, а со кои сум се разминал низ некоја улица и ми оставиле впечаток со нивниот изглед, сите книги кои сум ги прочитал и импактот што нивните автори го имале врз мене, филмовите на Херцог, Бела Тар, Линч, Бергман, Тарковски, целата околина, почнувајќи од врапчињата, дрвјата, па до облаците кои завземаат некаков интересен облик. Игра на перцепција и причинско-последични врски, преку која сакав на сегашните и идни генерации да им оставам во хартиена форма, еден мал спомен од своето постоење.

Колку време измина од претходната твоја промоција и во што се разликуваат двете издадени книги?

Поминаа речиси 4 години од промоцијата на првата книга со наслов „Човекот кој стана феникс”, крими роман каде го опишав најобичното, монотоно секојдневие на главниот лик кој по некоја случајност станува дел од настан поврзан со убиство. Би рекол дека во тој период таа книга се појави како резултат на влијанието што Артур Конан Дојл со својот Шерлок Холмс го имаше врз мене, како читател. Во втората книга акцентот го ставам на посложени теми, низ кои се премотуваат потешки прашања што задираат во (без)смислата на животот и егзистенцијата на сите живи битија, правејќи од смртта цел, преку која треба да го излекувам од неа ѕверското, мачното, неподносливото со кое секој од нас се соочил преку загубата на некој близок.

Колку време ја пишуваше книгата и дали ти претставуваше задоволство?

Оваа збирка раскази ја пишував речиси 3 години, со огромни паузи, во таа временска рамка. Првите 2 раскази ги напишав на почетокот, останатите нешто потоа, за последните 2 да ги завршам пред неколку месеци. Да се пишува, значи да се создава еден имагинарен свет, кој чека судир со оној нашиот, реалниот во кој живееме. Задоволство наоѓам во пишувањето, само доколку сметам дека од судирот на тие два света, кај одредени читатели ќе се создаде еден нов свет, кој се манифестира преку ново искуство што отвора прашања за размислување и поттикнува на акција.

Апотеоза на смрттае името на твојата нова книга која претставува збирка на раскази. Да се осврнеме малку на делото, дали овие раскази се инспирирани од твојот секојдневен живот и од твоето животно искуство?

Секако дека расказите се нераскинливо поврзани со секојдневниот живот, досегашното искуство и би рекол распрснатата сеприсутност на мртвите кои ги познаваме и недостигаат. Токму затоа, во знак на револт кон смртта, преку засилена употреба на реалистичен цинизам, ја исмевам сведувајќи ја на минлив обред низ кој сите ќе поминеме порано или подоцна. Како своевидна проекција од свеста и потсвеста, главните ликови намерно ги втурнувам во надреални ситуации, за да ја прикажам онаа вечна борба меѓу животот и смртта, во која победникот на сите нас ни е познат. Сакав да внесам малку тишина за размислување во секојдневната врева која не’ опкружува.

Според тебе за која група читатели е најпогодна книгата?

Во првата книга се обидов некако да бидам подопадлив за пошироката маса, прилагодувајќи одредени делови и мисли спротивно од тоа што сум. Во оваа книга свесно ја истиснав таа практика, со мисла дека книгата би можела да им се допадне на многу помалку луѓе, па дури на ниеден човек. Поважно ми беше да пресликам дел од мислите и мојата природа, онака како што ги доживувам во себе и за себе, па дури и по цена да бидам окарактеризиран како ексцентрик кој претерал со мисловното опуштање.

Како помина промоцијата и какви се првичните реакции на луѓето или твоите блиски кои веќе ја прочитаа?

Промотор беше професорот по филозофија Јане Ѓорески, за кој би рекол дека е главниот „виновник” за мојата пасија кон филозофијата која се појави уште во гимназиските денови. Пред присутните освен на книгата, посвети внимание на трансценденталното во филозофијата и на еден специфичен, би рекол доста оригинален начин ги запозна присутните со дел од она што се наоѓа во 7-те раскази. Тука би изразил благодарност и до Владимир Здравески, лик со огромен талент за кој допрва ќе слушаме, кој ја нацрта корицата како за првата, така и за оваа книга. Реакции пристигнуваат секојдневно, дел позитивни, дел негативни, дел искрено кажуваат дека „Не разбрале за што точно станува збор”, но како што кажав, ги очекував тие моменти и не сум изненаден.

Имаш ли твој омилен дел од содржината на книгата и кој е тој?

Лично мене омилен расказ ми е претпоследниот, насловен како „Градот” за кој потрошив најмногу време во пишување. Впрочем во истиот обработувам ликови преку чии реплики може читателите да се запознаат со дел од филозофијата на Кант, Хегел, Декарт, Расел, Ниче, со што е оставен простор секој читател да донесе свој суд околу одредени гледишта поврзани со смислата на животот, постоењето на Бог, волја, задгробен живот, душа… Станува збор за нормални ликови, затворени во санаториум, во град каде царува лудоста.

Можеме ли да очекуваме наредно дело од тебе, во кој правец се движат твоите мисли?

Пред да почнам со пишување на збирката раскази, почнав да пишувам книга посветена на мојот дедо, кој беше едно од децата бегалци од Егејска Македонија. Имав напишано околу 100 страни, но сфатив дека за комплетирање на таа книга, на начин каков што сакам да искажам благодарност за неговиот живот и дело, ми треба  поголем багаж од искуство и разум. Планирам да продолжам со комплетирање на таа книга некаде после 30-тата година, бидејќи во неговите последни денови живот, дадов ветување дека ќе ја завршам. Во меѓувреме можеби нема да напишам ништо ново, доколку немам инспирација каква што сакам.

 Ти си магистер по правни науки, сметаш ли дека човек од оваа професија може да стане и успешен писател?

Успешен писател лично за мене е дискутабилна работа. Доколку за успешен писател се смета оној чија книга станала бестселер, ќе бидам крајно разочаран ако се случи тоа со моја книга. За мене најголем успех е доколку некој што ја прочитал книгата ми каже дека го натерала да размислува, да се себеидентификува, да направи интроспекција. Што се однесува до мојата професија како правник, секогаш за пример го земам омилениот автор Кафка, со кој делиме иста професија. Професијата не би претставувала пречка некој автор да е добар или лош, би рекол најбитното се наоѓа во начинот на перцепирање, средување на тие перцепции во кохезија со искуството и секако начинот на претставување на спознаените нешта.

 

Александар Г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.