Античката Хераклеја во Битола оживеа во ритамот на македонската песна. Под отвореното небо, меѓу камените сведоци на вековите, повеќе од 2.500 посетители беа дел од големиот музички спектакл на Влатко и Златко Миладиноски, вечер проткаена со силни емоции, гордост и незаборавни мигови.
Публиката пристигна не само од Битола, туку и од бројни градови низ Македонија, потврдувајќи дека македонската народна музика продолжува да живее длабоко во срцата на сите генерации. Од првата до последната песна, Хераклеја пулсираше како едно, а најпознатите рефрени на Влатко Миладиноски одекнуваа низ античкиот простор, отпеани од илјадници гласови.
На сцената, Влатко беше придружуван од оркестарот на Златко Миладиноски и повеќе од 30 музичари, чија врвна изведба му даде раскош и монументалност на концертот. Посебен печат на вечерта оставија гостувањата на Спасен Сиљаноски, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски, како и настапот на гостите уметници македонци од Егејска Македонија.
Внимателно осмислената музичка програма, моќната продукција и впечатливиот сценски настап создадоа спектакл достоен за еден од најубавите антички локалитети во Македонија. Најсилните мигови дојдоа тогаш кога повеќе од 2.500 гласови се претопија во еден, создавајќи сцена што не се опишува лесно, но долго се памети.
По големите концертни вечери во Охрид и Скопје, Влатко Миладиноски и во Битола уште еднаш покажа дека македонската народна песна има сила да ги исполни големите сцени, да ги поврзе генерациите и да обедини илјадници луѓе околу заедничката љубов кон музиката и традицијата.
Хераклеја беше освоена со песна, а Битола една вечер стана престолнина на вистинско македонско музичко востание.
Ова не беше само концерт, туку свечена прослава на македонската музика, култура и традиција-вечер на гордост, сплотеност и емоции што уште долго ќе живеат во сеќавањата и ќе се прераскажуваат.

































