(Фото галерија) Македонска убавина: Неделен поздрав од прекрасното Тиквешко езеро

Тиквешкото Езеро е најголемо вештачко езеро по површина, длабочина и по должина во нашата земја, а второ по вкупното количество вода во него. Зафаќа површина од 14 км2 и должина од 29 км. Вкупната бруто-зафатнина во езерото изнасува 475 милиони м3 вода. Водата од Тиквешкото Езеро се користи за наводнување и за добивање на електрична енергија. Наводнувањето се врши преку хидросистемот „Тиквеш“, а во близина на браната е подигната ХЕЦ „Тиквеш“.

Тиквешкото Езеро е вештачко езеро на Црна Река и се наоѓа на 12 километри југозападно од Кавадарци, односно 3 километри јужно од селото Возарци. Езерото е настанато во 1968 година со преградување на кањонот на реката и со изградба на брана висока 104 метри. Браната е изградена од нафрлан камен со глинено јадро чија должина изнесува 338 метри.

На север езерото се граничи со вештачки создадената брана во близина на с. Возарци, на исток со атарите на населените места: Брушани, Ресава, Бегниште и Куманичево, како и висорамнината Витачево, на запад се граничи со атарите на с. Добротино, Праведник и планината Вишешница, а на југ со Мрежичко и Клиново.

Според својата географска положба, езерото може да се подели на два дела:

горен дел; кој се протега во правец запад-исток, во должина е 9 км, при полн капацитет на езерото со вода почнувајќи јужно од мигрираната населба Гудјаково, па се до сливот на реката Блашница во Тиквешкото Езеро, и

долен дел; кој прави лак од 90 степени, почнувајќки од сливот на реката Блашницата па се до бранта на хидроелектраната “Тиквеш”, во должина од 19,5 км и се протега во правец југ-север.

Вкупната должина на Тиквешкото Езеро при полн капацитет со вода изнесува 28,5 км. Вкупната зафатнина на водата во Тиквешкото Езеро изнесува околу 400 милиони км3, при максимална кота на акумулацијата од 265 м надморска висина.

Корисната зафатнина на вода во акумулацијата изнесува околу 240 милиони квадратни метри, при што каналот за наводнување „Тисовец“ се наоѓа на кота 245 м надморска висина. Минималната кота на водата во акумулацијата е 233 м надморска височина.

На просторот на Тиквешкото Езеро постојат голем број на археолошки наоѓалишта, населби, манастири и споменици. Од античкиот период, на овој простор се откриени повеќе локалитети, како на пример: Римските гробишта кај с. Клиново и населбата Црквиште. Од средновековните наоѓалишта, познати се: населбата Тиквеш, пештерската црква „св. Лазар“ во близина на утоката на реката Каменица во Тиквешкото Езеро, Полошкиот манастир „св. Ѓорѓи“, пештерската црква „св. Марко“ во близина на с. Драдња) и др.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.