Урсула Ван Дер Лајен за Западен Балкан: Ние сме подготвени да го поддржиме Западен Балкан со зголемено претпристапно финансирање

На безбедносниот Форум Глобсек што се одржува во Братислава, во пред малку излагање имаше шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која ја презентираше новата иницијатива за раст на земјите од Западен Балкан.
„Денеска сакам да презентирам нова иницијатива, тоа е нов план за раст на Западен Балкан. Сакаме уште денес да им донесеме дел од придобивките од членството во ЕУ на луѓето од Западен Балкан. Планот за раст што го предлагаме денес е изграден на четири столба. Прво за приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ. Второ, длабока и регионална економска интеграција. Трето, да се разјаснат фундаменталните реформи и четврто да се зголемат претпристапните средства.“

Овие четири точки за раст на регионов, кои денес беа претставени во Братислава за земјава ќе имаат, пред се, големо позитивно финансиско влијание врз економијата на Македонија. Со нив всушност ќе се овозможи олеснета трговија со земјите на ЕУ – најбогатиот пазар во светот кој вклучува околу 450 милиони жители.

Исто така, планот предвидува засилување на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан која веќе започна и носи резултати преку процесот Отворен Балкан. „ Оваа поблиска поврзаност со нашиот единствен пазар треба да оди рака под рака со заеднички регионален пазар. Заедничкиот регионален пазар е од клучно значење за отклучување на економскиот потенцијал на регионот. Од клучно значење е Западен Балкан да се направи поатрактивно место за европските инвеститори.“ изјави Ван Дер Лајен.

Огромна поддршка за македонското и регионалното стопанство ќе биде и зголемениот обем на претпристапните фондови. „ Мојата последна поента е јасна. Ние сме подготвени да го поддржиме Западен Балкан со зголемено претпристапно финансирање. Постои огромна потреба од инвестиции во Западен Балкан. Овие инвестиции ќе го подобрат животот на луѓето. И тие исто така ќе го олеснат патот кон нашата Унија. Поради оваа причина, треба да ги зголемиме ресурсите посветени на Западен Балкан. Во овие турбулентни времиња, овој план од четири точки е вистинската понуда за Западен Балкан – заклучи шефицата на Европската комисија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.