По теркот на македонската новогодишна, Грција објави Божиќна кошничка

Постоечката „Кошничка за домаќинствата“ во грчките супермаркети со производи, чии цени треба да останат исти или да има минимални покачувања, се проширува со „Божиќната кошничка“, односно се додаваат шест категории продукти неопходни за празничната трпеза, па така ќе вклучува мисиркино, јагнешко и козјо месо, чоколади, милиброд и новогодишна погача, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Министерството за развоја на Грција, цените на производите во „Божиќната кошничка“, што стартува денеска се очекува да бидат исти или пониски споредбено со лани, а ќе трае до 3 јануари 2025 година.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот преку Фејсбук соопшти дека и оваа ги воведуваат традиционалните празнични кошнички, а од 18 декември ќе биде воведена „Кошничката на Дедо Мраз“ со десет категории на играчки за најмладите.

– Божиќ секогаш им носи радост на семејствата, а особено на децата. Но, значи и дополнителни потреби за возрасните. Затоа, државата мора да биде покрај нив. Не само со општи мерки кои ја подобруваат заработката или ги намалуваат даноците. Туку и со насочени иницијативи за трошоците за празниците, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Во Македонија Министерството за економија и труд од 15. декември до 15. јануари, ќе спроведе слична на грчката Новогодишна кошница, каде во моментов со листа на свои продукти пријавени се 76 производители и дистрибутери, или над 800 производи, а учество имаат пројавено и 36 маркети низ државата, кои дел од овие производи ќе ги стават на своите рафтови по намалени цени. Намалувањето кај одредени продукти се очекува да биде и до 20%.

Очекувањата на Владата и министерството се дека со Новогодишната кошница граѓаните значително ќе заштедат, а семејствата ќе имаат можност да имаат пристојна трпеза за време на празниците.

Листата на производи не е затворена и истата се дополнува со нови компании и производи на дневна основа.

-Ги повикуваме сите заинтересирани компании и маркети да се приклучат на мерката и да ја покажат својата општествена одговорност, да понудат производи со намалени цени од најмалку 10 проценти и да им излезат во пресрет на граѓаните во текот на новогодишните празници – велат од Министерството за економија и труд.

Граѓаните и компаниите листите на производи можат да ги погледната на веб страната: www.mojakosnica.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.