Познати датумите кога ќе се полага државна матура идната година

Трите екстерни испити од државната матура од учебната 2020/2021 година во јунската сесија ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни.

Листата на изборни предмети за третиот екстерен испит годинава е проширена со уште два предмета – информатика и географија, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини, а новина има и за проектната задача која ќе содржи истражувачки дел.

До крајот на годинава матурантите треба да се пријават каков вид матура ќе полагаат – државна матура (за матуранти кои планираат да се запишат на факултет); училишна матура (за матуранти кои нема да продолжат во високото образование и ќе полагаат пред училишна комисија) и завршен испит (за матуранти од стручно образование кои нема да полагаат државна матура). Тие што ќе пријават државна матура треба да ги наведат и предметите што ќе ги полагаат.

Првиот екстерен испит е задолжителен – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литертаура, и ќе се полага на 29 мај 2021. Вториот екстерен испит е избор помеѓу странски јазик и математика. Полагањето на странскиот јазик (англиски, француски, германски или руски) е закажано за 5 јуни, а за 14 јуни е тестот за тие што ќе изберат математика. На 11 јуни, пак, ќе се полага третиот екстерен испит за кој матурантите може да избираат меѓу 10 предмети (естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис и првпат за оваа државна матура – информатика и географија).




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.