Победа АД отпадна, но првотимците остануваат прволигашки
Дека Победа АД немаше лош играчки кадар минатото првенство, без оглед на пласманот на последното, 10 место од Првата лига, покажува интересот за нејзините првотимци летово. Дел од нив веднаш беа повикани и заминаа во прволигашки клубови.
Така, играчите, од средниот ред Благоја Спиркоски и од нападот Лука Трајкоски, веќе се нови членови на прволигашот Македонија ЃП од Скопје. Се работи за клуб кој минатата сезона загуби во финалето од Купот, но со освоеното 6 прволигашко место веќе настапува во Лигата на Европа, против ерменскиот Алашкерт, вчера во Ереван, а на 18 јули во Скопје. Клубот објави за повредата и операцијата на Спиркоски.
Во екипа што излегува во Европа е и Ѓорѓи Танушев, член на Академија Пандев од Струмица. Освојувачот на Купот во Лигата на Европа има дуели со босанскиот Зрињски, вчера во Скопје, по седум дена во Мостар. Во прволигаш ќе играат уште: бранителот Ангелчо Тимовски и за врска Даниел Карчески. Тие потпишаа договор за членство во Силекс, тим кој преку бараж-меч триумф над Тиквеш го спаси прволигашкиот статус.
Интересно за Карчески е што е единствениот кој беше во тимот на Победа АД од нејзиното формирање во 2010 година, тогаш Викторија. Во добро организиран клуб се пресели играчот за врска Јорданчо Наумоски. Веќе е член на кавадаречки Тиквеш, со кој има амбиции за влез во Првата лига.
Таму брани голманот Александар Игески, а стоперот Дарко Илиески оттаму неодамна замина во скопско Шкупи, со кого во Лигата на Европа вчера имаше гостување кај Пјуник во Ерменија, а реваншот е в четврток во Скопје.
Од играчите што најдоа нова средина е и младиот голман Даниел Котевски, заминат во новиот второлигаш Охрид. Странците Јачимовиќ, Мандиќ и Макота први заминале, како и од другите македонски градови – Каланоски, Ефремов, Асани, Ристевски, а сигурно дека клуб ќе одберат Тофилоски, М. Наумоски, Паноски, Вецески. Не е познато дали ќе трае уште кариерата на 38-годишниот Гешоски. Градот на потег
За клуб како Победа АД најдобри решенија за финансиската ситуација се приватни компании, но по откажувањето на досегашните компании-акционери, изгледа не преостанува никаков друг излез освен – Општината.
Беше објавено дека клубот се враќа таму каде припаѓа, а тоа значи дека сите погледи се свртени кон општинските пари. Се очекува обезбедување барем минимум услови за да може да се мотивираат тренерите и играчите во борбата за опстанок во Вторта лига.
Друго заега не може да се бара од младиот играчки кадар. Навивачите се надеваат дека теренот кај Могилата ќе биде оспособен, за таму наесен да се играат второлигашките натпревари.
Извор: “Неделник Зенит”