Од 7-годишна возраст чекори по театарските штици: Интервју со Катерина Чакмакоска Клинческа, актерка со исклучителен талент и потенцијал

Kaтерина Чакмакоска Клинческа е дел од младата генерација на актери во прилепскиот народен театар “Војдан Чернодрински”. Taa e актерка со голем талент, со многу одиграни претстави досега и исклучителен потенцијал кој допрва ќе го надоградува. На театарските штици зачекорила уште на 7-годишна возраст и била сигурна дека тоа е нејзината идна професија. Ќерка е на легендарниот прилепски актер, Марјан Чакмакоски и целосно го оправдува неговото име пред театарската публика. Во продолжение разговараме за нејзината кариера, планови во иднина, но и проблемите кои ги тиштат актерите во Прилеп.

Кате кога се разви кај тебе љубовта за глумата и кој момент од твојот живот беше пресуден да станеш актер?

– Може ќе звучи претерано, но таа љубов и поврзаност со театарот ја имам одкако знам за себе. Таа се должи сигурно на тоа дека тој првичен контакт сум го имала многу рано благодарение на татко ми. Во секој случај мирисот на детството ми е испомешан со мирис на театер. Не знам точно да кажам кој бил пресуден момент за да го одберам ова ама доволно е ако кажам дека просто јас немав желба за ниедна друга професија. Некако од мали нозе бев сигурна дека го сакам ова и ништо друго.

Колку годни си дел од ансамблот на народниот театар “Војдан Чернодрински” и кажи ни нешто за твоите почетоци на театарските штици

– Осум години сум професионално дел од ансамблот на театар “Војдан Чернодрински”. Прв пат стапнав на сцената на мои седум години во детската претстава “Јунаците од бајките пеат”. И тогаш почна се. Следуваа многу детски претстави за потоа да продолжиме како младинска сцена со многу проекти. Бевме група млади луѓе маѓепсани од театарот и со надеж дека ќе го промениме светот.

Твојот татко е легендарниот прилепски актер, Марјан Чакмакоски. Колку тој како актер беше пресуден за твојот избор на актерската професија?

– Татко ми никогаш намерно не ми ја неметна неговата професија. Напротив, секогаш беше резервиран и оставаше сама да одлучам. Индиректно сакала или неќела покрај него многу рано почнав да следам претстави и тоа беше тоа. Магијата се случи.

Во еден разговор, твојот татко вели дека поседуваш многу поголем талент од него. Што мислиш ти за тоа?

– Ха, ха! Јас не би се согласила со него. Тој е еден пракрасен човек, премногу скромен и исклучителен актер! Јас повеќе би рекла дека сме многу различни како актери. И тоа е добро. Се гордеам со него и се трудам сама да си го градам патот по кој чекорам.

Си учествувала во многу проекти, претстави, си толкувала многу улоги… Имаш ли омилена претстава или омилена улога?

– Уф, тешко прашање. Ќе звучи како клише ако кажам дека сите улоги ги сакам подеднакво. Најискрено и со најмногу љубов пристапувам кон секоја улога. Е сега нормално е некои од нив да ти станат поблиски и да се приврзиш повеќе. Прво на што можам да се сетам се сите претстави што сум ги работела со Нела Витошевиќ. Слободно можам да кажам дека се многу блиски на мојот сензибилитет. “Буре барут”, “Figurae Veneris Historiae” на Наташа Поплавска ми се исто едни од омилените, “Човекот кој не знаеше да каже не” од Мартин Кочовкси исто така. Од соработката со помладите режисери “ Обѕрнисе во гневот” на Кристина Димитрова и “Семејни приказни” на Милош Б. Андоновски.

Имаш ли некоја зацртана цел која сакаш да ја постигнеш во твојата кариера?

– Целта ми е да растам, да созравам, да се надоградувам, да работам многу на себе, да станувам подобра во секој поглед. Имам многу улоги што си ги посакувам во иднина. Си посакувам многу убави проекти, многу аплаузи, фестивали … Имам уште многу соништа што треба да да ги одсонувам.

Ансамблот на народниот театар “Војдан Чернодрински” важи за еден од најталентираните во Македонија, а сите знаеме во какви услови работите. Како успевате да организирате толку успешни претстави,колку државата и министерството ве поддржуваат и колку е лесно или тешко да се работи во такви услови?

– Тоа е прашање кое не мачи долго време. Ние сме еден ансамбл, кој ете така некако се поклопиле сите коцки и успеавме да постигнеме многу успеси во нашата земја, а и надвор од неа. Од друга страна условите кои работиме се навистина мизерни и тоа не е тајна. Колку да се трудиме да не ги забележуваме или да ги игнорираме, тие се тука. Ќе излажам ако речам дека е лесно да се функционира тука, или дека ми е сеедно. Сме имале апели до министерството по разни медиуми, каде потенцираме дека во вакви услови навистина не е човечки да се работи. Засега остана на тоа. Ќе видиме за понатаму.

Кога твоите барања би биле пресудни, што би побарала за актерите и театарот во Прилеп?

– Би побарала под итно нов театар, т.е. нова зграда што би се изградила. Би побарала одделување како посебна институција. Знаете ние веќе година наназад немаме вработен шминкер, кројач, а и испициентот во моментов нема статус на вработен, што е погубно за еден театар.

Кое е твоето мислење за прилепската јавност? Колку прилепчани го сакаат театарот?

– Се повеќе гледам дека прилепската јавност е желна за култура, театар, музика, изложби јавни настани од тој тип. И тоа ме радува. Во однос на театарската публика, таа е со еден истенчен вкус би рекла најмногу благодарение на фестивалот “Војдан Чернодрински”, каде имаат можност секоја година да погледнат претстави од цела Македонија.

За крај што би им порачала на властите во културата во Македонија.

– Живееме во време на пандемија. Едно многу специфично време за живеење, а поготово за театар. Во моментов театарот е стопиран. Ние актерите сме во една многу назавидна позиција, како одтурнати од општеството. Се надевам дека за брзо ќе се случат конечно протоколи и за нас за да почнеме да твориме повторно. Би му препорачала на министерството да има слух за нашите барања и сериозно да се размисли за враќањето на театарот и на нас актерите таму каде што ни е местото.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.