Мистepиозниот “жиpaнт” за 200.000 евра кpeдит близок на гpaдоначалникот и денеска го нема?

Дали директор на јавно претпријатие и близок соработник на градоначалникот е жирант за кредит од 200.000 евра за изградба на зградата кај Солидност? – го праша на вчерашната прес конференција претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и кандидат за пратеник, Петар Ристески, градоначалникот Илија Јованоски.

На заканите од градоначалникот Јованоски дека ќе поднесе тужба за клевета, денеска Ристески на новинарско прашање одговори:

“Јас се радувам доколку Јованоски поднел тужба, бидејќи не знам кој го советувал, но во една таква постапка ќе треба многу да докаже и многу одговори да даде и на судот и пред граѓаните. Но, кога веќе ја начнувате оваа тема, јас денеска ќе му поставам на градоначалникот едно прашање: Господине градоначалник, дали сте запознаени дека директор на јавно претпријатие и ваш близок соработник е жирант, односно со свој имот гарантира за кредит земен на фирмата која ја гради таа зграда, а за која има шпекулации низ градот дека лично и вие како градоначалник, имате замешано прсти во таа фирма и таа зграда? Ако е точно дека директор близок соработник на градоначалникот е вклучен во подигнувањето на кредит од 200.000 евра, тогаш која е поврзаноста и кој е мотивот на овој директор да гарантира со сопствениот имот на некоја фирма, односно фирма која граѓаните ја поврзуваат со градоначалникот. Доколку Јованоски не одговори, јас лично со документи ќе излезам да се докажеме дали има или нема вистина во ова”, истакна Ристески.

Претходно Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и кандидат за пратеник, Петар Ристески, во програма во живо на “Радио Пела” изнесе сомнежи за сторен криминал во областа на градежништвото и урбанизмот во Прилеп, во кој е замешана градежна фирма во сопственост на роднина на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

“Се работи за фирмата која гради стамбена зграда на улицата „Октомвриска“ отспротива на Солидност, за која во градот постојат шпекулации дека и самиот Јованоски е замешан во сопственоста на оваа фирма. Градежниот инспекторат од општина Прилеп му наредува на инвеститорот и носи решение за прекин на таа градба, бидејќи не ги исполнува условите за градба, односно инвеститорот постапил спротивно на основниот проект каде не е дозволено изградба на подрумски простории. Инспекцискиот надзор на лице место утврдил дека се изградени вакви простории. Имајќи го на увид овој документ, градоначалникот требало решението за градба да го прогласи за ништовно и доколку сакал овој инвеститор да продолжи со градба требало да бара ново решение. Наместо тоа, во време кога сите граѓани се оптеретени со здравствената криза, на 19.03.2020 год.градоначалникот Јованоски, притоа без потпис од контролор, потпишал решение за одобрување на измени на основен проект во тек на изградба на стамбено деловна зграда, што е апсолутно незаконски”, истакна тогаш Петар Ристески.

Oд градоначалникот на Општина Прилеп нема одговор на прашањето на Ристески денеска, а јавноста бара одговори кој е “мистериозниот” жирант на 200.000 евра кредит….




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.