Победа е повторно во Прва лига. Црните денови на прилепскиот фудбал се назад. Повторно се зборува со восхит, повторно со нетрпение се очекува натпревар, затоа што овој град е желен и гладен за фудбал. Ранетиот лав се исправи и влегува во колосек, ќе се врати старата слава, Победа ќе биде страв и трепет за противниците. Заслугата за овој пресврт е на сите луѓе во клубот, но секако огромна заслуга има претседателот на клубот, Гоце Ингилизов. Со преземањето на претседателската палка во клубот, започна вистинско менаџирање и координирање на активностите, се поврзаа сите конци, се даде нов мотив, нова желба, и успехот беше неминовен. Неговиот ентузијазам и желба за перфекција, го вратија клубот на старите патеки.
Oткако ја презедовте Победа под свое раководство, клубот едноставно се препороди. Од тој момент започна победничката серија, која ја врати Победа во Првата лига. Кој беше вашиот мотив и со какви амбиции и желби прифативте да застанете на претседателската позиција на клубот?
Победа е Победа, да се работеше за кој било друг спортски колектив, немаше да го прифатам предизвикот, но кога станува збор за клубот на нашето детство, за клубот кој два пати бил шампион на Македонија, кој е препознатлив и надвор од балканските простори, клубот со кој „дише“ цел Прилеп, не мислев многу. Разговаравме со градоначалникот подолг период за таа работа, за проблемите и можните решенија, па на состанок со спонзорите се договоривме да ја преземам претседателската функција од Горан Аџи-Ристески, неколку дена пред почетокот на оваа година.
Кои конкретни чекори ги презедовте со доаѓањето во клубот, за да работите тргнат на добро, на сестрана радост на целата фудбалска јавност во Прилеп?
Во клубот владееше една чудна агонија. Спонзорите, раководството, стручниот штаб, играчите, некако беа крајно демотивирани од односот кон нив, од страна на ФФМ, судиите, публиката, навивачите и атмосферата беше навистина чудна. Во разговорите со сите нив, се чувствуваше страв и неверување во успех, посебно кај дел од поискусните играчи, што ме зачуди. Јас не ги познавав играчите, освен неколку од повозрасните, но не мислев дека може некој првотимец да ми рече: „Ако не донесеме неколку нови играчи, многу поквалитетни од сегашниве, секако испаѓаме!“ Се фативме за работа, почнавме да бараме играчи, но пазарот во јануари во Македонија е многу скромен. Сепак успеавме да се засилиме со неколку фудбалери кои се полн погодок во пролетнава полусезона и да дадеме еден инпулс на костурот на тимот, да го промениме менталитетот и да го подобриме тимскиот дух. Најважно од се, беше враќањето на вербата во своите можности и квалитети, затоа што во подготвителните натпревари бевме страшно подобри од екипите со кои игравме и ми беше чудно што дел од фудбалерите мислеа дека сме кандидати за одпаѓање. Јас не мислев така, разговарав со секој играч поединечно и со помош на спортскиот директор, Јовица, стручниот штаб на чело со Дарко, секретарот Миле, портпаролот Пецо и сите останати од управата, успеавме да им го вратиме победничкиот дух и од седмото место во март, да стигнеме до врвот за два месеци со седум победи во низа.
Покрај ова, многу битен момент е воспоставувањето на одличен однос со навивачката група „Мајмуни“, кои ни беа дванаесетти играч секаде кај што игравме и односот на спонзорите кон клубот и нивната финансиска помош, без која немаше да имаме успех.
Голема улога во целиот овој успех играат сите поврзани актери со клубот. Тука е тренерот Крстески, играчите, медицинскиот тим, другите луѓе во клубот. Дали на клубот му недостасува додатно екипирање во однос на технички кадар, кој би помогнал да се откријат нови квалитетни и млади играчи кои би ги бранеле боите на Победа?
Секако! Припремањето на фудбалерите од физички, тактички и психолошки аспект, се многу битни. Стручниот штаб и Спортскиот директор, одлично си ја вршат работата, а и немавме многу повреди, освен повредата на Влатче Петрески уште на пријателските натпревари. Во наредниот период мора да се доекипираме со кондиционен тренер и неколку технички лица, затоа што првата лига има многу повеќе обврски и бара поголем ангажман од сите.
Како тече работата со младите екипи, постојат ли надежи дека за скоро клубот ќе може да црпи од младите категории?
Прилеп секогаш имал квалитетни фудбалери, репрезентативци и играчи кои направиле кариери во странство. Голем проблем имаме со вакумот кој се створил по изрекувањето на казната и стартувањето од нула во најдолните лиги. Испуштени се неколку генерации на млади фудбалери и сега имаме многу малку играчи кои имаат квалитет да се приклучат на првиот тим. Затоа пак за неколку години, ако се продолжи со напорна работа во помалите категории, ќе имаме доста екстра квалитетни фудбалери, фудбалери кои сега настапуваат за младинските репрезентации.
Сега кога клубот избори пласман во Прва лига, кои се вашите идни чекори како претседател на клубот, кон што се насочени вашите приоритети?
Моја работа е да ги спојам сите битни актери во фудбалот и да ги насочам во корист на Победа. Истото што го правам изминативе неколку месеци ќе го продолжам со засилено темпо, се додека сум на оваа позиција. Градоначалникот,спонзорите, стручниот штаб, играчите, младинските категории, навивачката група Мајмуни, публиката, медиумите, ФФМ, сите поранешни фудбалери, истакнати лица кои дале придонес за успесите на овој клуб и сите останати, мора да се обединиме во помош на клубот, зошто ако фали барем една од овие карики, нема да имаме успех.
Дали играчите можат да спијат мирно, односно дали клубот стои добро на финансиски план и дали можеме да очекуваме нови спонзори кои би го помогнале работењето на клубот?
Уште од минатата недела започнавме разговори со спонзорите, Прилепска Пиварница, Комфи Ангел, Кабелнет и Жито Прилеп, за да осигураме финансиска стабилност на клубот и да договориме основен буџет за наредната сезона. Оваа сезона ни помогна и Витаминка и се надевам дека и тие ќе останат во клубот, а ќе работиме на носење и на нови спонзори. Ова што успеавме да се пласираме во првата лига, ни донесе огромна радост на сите, но и многу поголеми обврски. Тие се свесни за обврските и се желни за нови успеси.
Дали во наредната сезона ќе има поголеми освежувања на играчки план, дали веќе се започнати контактите со конкретни имиња или треба да очекуваме дека главното играчко јадро ќе се задржи без поголеми промени?
Јас верувам во овие играчи, исто како што верував пред четири месеци дека можеме до прва лига, сега верувам дека истиве играчи можат да се носат со прволигашките тимови, секако доколку напредуваат во нивните скилови и во нивната кондициона спремност. Со неколку засилувања, ќе гледаме повеќето да се од прилепскиот регион, сигурен сум дека ќе сме конкурентни во првата лига. Повратникот од Чешка, Зоран Даноски, суспендираниот бивш играч на Металург, Дарко Илиески, како и повредените Влатче Петрески и Филип Мирчески се веќе во клубот, тренираат, закрепнуваат и доколку се спремат како треба, ќе ни бидат огромни засилувања. Костурот на тимот ќе се базира на сегашните играчи кои се во полна натпреварувачка зрелост и со уште три-четири засилувања во средината и нападот, ќе направиме тим кој ќе претставува „проблем“ во првата лига.
Во Прилеп преовладува скептично расположение кога се зборува за фудбалската куќа на ФФМ. Некако е изгубена довербата во главната фудбалска институција, особено после драконските казни за неиграње на домашен терен. Дали се подобруваат релациите и можеме да сметаме на добар, коректен однос од страна на ФФМ?
Од добар однос со ФФМ, може да имаме само добивка. Односот со нив е на високо ниво и постепено го градиме и го унапредуваме. Од контактите со Претседателот на ФФМ, г.Илчо Георгиески и со останатите функционери во „Куќата на фудбалот“, добив огромно искуство и насоки како да се управува со фудбалски клуб и многу ми помогнаа на стартот. Се надевам дека ќе продолжат да ни помагаат во сите фудбалски аспекти.
Кон што ќе цели Победа наредната сезона?
Јас лично би сакал да сме шампиони на Македонија уште наредна сезона! Но од поискусните слушам дека прва лига не е исто како втора, па во првата сезона ќе влеземе резервирано и постепено ќе ги креираме нашите активности со цел, да сме конкурентни и да ја користиме секоја шанса која ќе ни излезе на дофат. Сигурно нема да излеземе со страв и предадени уште на стартот, туку храбро ќе се бориме за секој бод.
Градскиот стадион “Гоце Делчев” e во приоритетите на Локалната самоуправа, како течат активностите за освежување на прилепскиот фудбалски храм?
Локалната самоуправа и ФФМ имаат договор за реконструкција на стадионот. Таа реконструкција ќе го претвори овој објект во фудбалски храм на ФК Победа, објект со највисоки стандарди за одигрување на меѓународни репрезентативни натпревари, на кои прилепчани ќе може да се сведоци на идните успеси на клубот. Овие активности, можеби ќе ни претставуваат мал проблем, затоа што некој период ќе треба да се прилагодуваме за одигрување на домашните средби и да бараме алтернативни решенија, но кога ќе завршат реконструкциите, ќе вреди чекањето.
За крај кои се вашите лични желби, каде би сакале да ја видите Победа и со каков успех додека сте на чело на клубот?
Ова е волонтерска работа, во која влетав случајно. Овој успех кој го постигнавме за кратко време ми дава елан за уште повеќе да се ангажирам, па ќе останам во клубот се додека успевам да ја менаџирам поддршката од спонзорите, навивачите и јавноста, во корист на успесите на ФК Победа. Јас секогаш целам кон перфекција во организацијата и максимална продуктивност на секој поединец, а сакам да сме на врвот на првата лига, што поскоро!
Подготви: Александар Георгиоски