На 8.11.2019 /петок/ во 19.30 часот во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе биде отворена изложбата „Фрагменти“ од Жарко Башески.
Текст од Ирма Башеска Ристовска
Македонскиот скулптор Жарко Башески, по подолга пауза се враќа во својот роден град Прилеп, со својата нова изложба насловена „Фрагменти“.
Преку ова изложување, публиката ќе има можност да погледне неколку различни „фрагменти“ од творечкиот опус на Башески, и паралелно да погледне неколку постари и неколку сосема нови дела, во кои може да се забележи нов начин на претставување на човечката фигура. Новото што го нуди Башески се состои во поинакво, современо, концептуално доживување на фигурата во однос на негвите поранешни дела, како и користење на досега неупотребувани материјали.
„Фрагменти“ претставува прозорец кон изминатиот период во кој Башески го менува својот творечки пристап во зависност од тематиката, начинот на работа и употребата на материјали.
Оваа изложба и овозможува на публиката да погледне сосема различни дела кои поврзуваат различни периоди од творештвото на уметникот, негови различни идеи, изработени во различни материјали, како силикон и полиестер, додека пак претстава за неговиот моментален интерес ќе понуди делото изработено во стакло.
Земајќи предвид дека секоја од скулптурите кои ќе бидат изложени се разликуваат во својот концепт, оваа изложба го претставува токму тоа, „фрагменти“ од внатрешниот креативен универзум на уметникот.
Дел од овие дела веќе биле претходно изложувани во големи изложбени салони низ светот, во земји како Франција, Германија, Италија, Латвија, Бугарија, Црна Гора, и други.