Започнува летното сметање на времето: Еве кога да ги поместите стрелките на часовникот

Летното сметање на времето ќе почне во недела, на 29 март во 2 часот наутро, со тоа што часовникот ќе се помести еден час напред на 3 часот.

Летното сметање ќе заврши на 25 октомври во 3 часот, со поместување на стрелките еден час наназад.

Ќе биде ли ова последното менување на стрелките на часовникот?

За укинување на ваквата пракса во рамките на ЕУ се зборуваше и минатата година кога Европската комисија предложи укинување на летното и зимското сметање на времето најдоцна до оваа година, а Советот на министри за транспорт и телекомуникација изрази загриженост за подготвеноста на земјите членки да се прилагодат на новите услови во толку краток временски период по што повика на одложување на суспензијата за промена на времето. По ова, постигнат е компромис новата директива да стапи на сила од 1 април, а последното менување на сказалките да се случи во март 2020 година. Дотогаш, земјите членки треба да преговараат за временските зони и трајното прифаќање на летното или зимското сметање на времето.

Иако промената на времето е генерално корисно за заштеда на енергија во текот на летото, очигледно има повеќе недостатоци отколку придобивки. Досега, поместувањето на часовникот беше право на избор за секоја земја – не постои закон што вели дека часовникот мора да се менува, а во моментов повеќето европски земји и речиси цела Северна Америка ги поместуваат стрелките на часовникот два пати во годината, додека остатокот од светот се откажал од ова или никогаш не го ни поместил часовникот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.