Со голема радост ве известуваме дека е завршена фреската на Светите 40 севастиски маченици – МЛАДЕНЦИ, сместена во јужниот дел на нашиот храм – информираат од храмот Св. Петка во населбата Точила во Прилеп, каде во изминатиот период активно се работи на комплетирање на фрескоживописот во храмот.
-Овој светол момент на духовно и уметничко збогатување на светиот храм го должиме на дарежливоста на еден благочестив донатор, кој со својата несебична поддршка ја овозможи реализацијата на ова свето дело. И не само на ова дело! Овој донатор овозможи реализација и на неколку фрески претходно а ќе биде донатор и на композицијата на Преображението Господово. Изразуваме длабока благодарност и молитвено се молиме Бог да го благослови со здравје, духовен мир и секое добро! Нека фреската на овие храбри сведоци на Христовата љубов биде постојано потсетување за нашата вера, трпение и надеж во Воскресението – велат од храмот Св. Петка.