Владика Петар од Прилеп: Без веронаука ќе ни се случуваат многу Катици Јаневи и Боки 13 (Видео)

По четиринаесетти пат во Прилеп се организираше манифестацијата “Божиќен ручек”, a организатор е “Детската Амбасада за сите деца во светот”.

Овој настан повторно на едно место собера 500 дечиња од целата држава, од различна вероисповед, деца со посебни потреби, деца без родители, деца на загинати бранители, како и истакнати деца- членови на Детската Амбасада.

Христовото раѓање и оваа година беше одбележано со богата програма и со искрени, топли, детски насмевки.

Владиката Петар го благослови денешниот Божиќен ручек и порача:

-Децата се нашата иднина, нашата радост. И токму денеска чувствуваме дека, ако се угледаме на децата, на нивниот пример како образец на љубовта, на трпението, толеранцијата, на дружењето, може да се спаси човечкиот род, зашто никој од нас не може да се обединеме како што тоа го можат децата. Затоа да се угледаме на нив. децата ни ја праќаат пораката за обединување, да се чувствуваме како едно без разлика на возраста, на верската определба, на личните определби за до спасиме нашето општество, Татковината, па би рекол, и нашата света црква, порача владиката Петар.

Токму поради ова, според Владиката Петар, требало да се воведе веронаука во училиштата преку која ќе се постигнела духовната обнова на народот.

„Без веронаука ќе ни се случуваат многу Катици Јаневи, ќе ни се случуваат и Боки, ќе ни се случуваат и еден куп работи. Со веронауката сето тоа ќе исчезне, затоа што ако сакате вие преродба на народот, не можете вие само да барате преродба материјална, економска, културна, а душевна, односно духовна да нема. Само преку духовната преродба доаѓаат сите други преродби“, додаде Митрополитот Петар.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.