Соопштение од црковниот храм Св. Петка Прилеп
Почитувани верници, во сообразност со моменталната ситуација со корона вирусот, ве известуваме дека во текот на претстојните велигденски празници, особено на ВЕЛИК ПЕТОК, кога ќе биде изложена ПЛАШТАНИЦАТА, за верните да можат да се поклонат пред Христовото тело, и на Велика Сабота, ноќта спроти Велигден, во и околу храмот ќе бидат превземени сите мерки пропишани од Синодот на МПЦ-ОА, Епархискиот архиереј, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Петар и здравствените власти со цел да се намали ширењето на заразата од ковид-19 и да се заштити здравјето на верниците.
Затоа, ги замолуваме сите оние верни христијани, кои ќе дојдат да се поклонат пред телото Христово и да го прославиме најсветлиот Празник над Празниците, Воскресението Христово – Велигден, да ги испочитуваат веќе познатите мерки како и упатствата на службените лица во храмот.
Овој период низ кој минуваме, не’ натера да внимаваме на нашето здравје но, најважно, на здравјето на нашите ближни. Затоа да покажеме воздржаност но, и одговорност. Да практикуваме солидарност, љубов и разбирање за ближните и со вера во Бога ова искушение ќе помине. Да му покажеме на светот дека ние христијаните сме пример, односно „сол и светлина на светот“.