Денеска во прилепските населени места Галичани и Ново Лагово беа пуштени во употреба нови детски игралишта, кои се изградени во дворните места на подрачните училишта во овие села, а кои функционираат во состав на централното основно училиште „Круме Волнароски“ од н.м. Тополчани. Жителите на н.м. Галичани велат дека со овие инвестиции полека се урбанизира нивното место.
„Претходно во Галичани се отвори новото монтажно училиште, сега во неговиот двор се изгради и детско игралиште. Учениците сега имаат подобри услови за учење и дружење. Ние сакаме да живееме тука и сме задоволни од она што досега го направи локалната самоуправа за нас“, рече Васе Ѕвездакоска, жител на н.м. Галичани.
„Сега е супер, за прв пат во историјата на нашето село се изгради детско игралиште, го поздравуваме овој чекор на локалната самоуправа, претходно тука беше обична ливада, а сега благодарение на градоначалникот Марјан Ристески нашето место полека се урбанизира и ова катче освен децата ќе го користиме и ние повозрасните за одмор“, кажа Благојче Петаноски, жител на н.м. Галичани.
Паркот го направи ЈКП „Комуналец“ од Прилеп, а инвестиција е вредна 300.000 денари.
„Претходно тука направивме и монтажно училиште со средства на локалната самоуправа и Министерството за образование. Благодарност до ЈКП „Комуналец“ кое се одзва на повикот на родителите и жителите на ова населено место да се изгради ова преубаво игралиште. Покрај училиштето и ова игралиште тука се направени и други инвестиции, тампонирани и асфалтирани се улици, Галичани се поврза со Беровци, но нема да завршиме тука, ќе се реконструира стадионот за фудбал, ќе се дотампонираат и асфалтираат одредени улици, а ќе се направи и физибилити студија за изградба на канализационен систем за чија реализација ќе се бараат средства во европските фондови“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Директорот на ЈКП „Комуналец“ рече дека во иднина ќе се правеле детски игралишта и во другите населени места.
„Посебно ми е драго кога работиме нешто за нашите најмлади, го оградивме ова училиште и се поставија детски реквизити за да учениците ги имаат истите услови како нивните врсници во градот“, изјави Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Директор на ООУ „Круме Волнароски“ истакна дека учениците овој парк со детско игралиште ќе го користат како за време на одморите така и после часовите.
„Голема благодарност до ЈКП „Комуналец“ и градоначалникот Марјан Ристески за реализацијата на овие инвестиции, училиштето и овој парк, кои значително го подобрија квалитетот на наставата како и можноста за забава и дружење на децата“, кажа Дејан Бунтески, директор на ООУ „Круме Волнароски“ – Тополчани.
Детско игралиште доби и н.м. Ново Лагово, кое исто така е изградено во состав на подрачното училиште во ова населено место. И жителите на ова село се задоволни од овој парк – игралиште.
„Убаво е сега тука, децата имаат каде да си играат, се уреди дворот на училиштето, а се подобрија претходно и самите услови за учење во училишната зграда“, рече Катерина Кузманоска, жител на н.м. Ново Лагово.
Ова игралиште е отворено по барање на жителите и тоа во иднина многу ќе им користи на дечињата да се забавуваат и дружат помеѓу себе.
„За брзо време ќе го дооградиме училиштето и ќе се доуреди дворното. Имаме реализирано повеќе проекти во Ново Лагово, но нема да застанеме тука, ќе се доасфалтираат улици, исто и тука ќе се направи физибилити студија за изградба на канализационен систем. Откако ќе биде готов проектот ќе се бараат разни европски фондови за да може да се аплицира и да се добијат средстства за него“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
И овој парк го направи ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.
„Се огради училиштето, се направија детски реквизити и сега ни остануваат уште неколку населени места каде ќе бидат изградени детски игралишта“, додаде Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Директорот Бунтески истакна дека во периодот кој следувал и во ова училиште ќе имало други инвестиции.
„Изминативе неколку години имаме доста инвестиции во ова подрачно училиште со помош на локалната самоуправа. Денес отвораме детски забавен парк, а и во иднина ќе продолжиме со нови инвестиции“, кажа Дејан Бунтески, директор на ООУ „Круме Волнароски“ – Тополчани.
Вакви детски игралишта треба да добијат сите населени места на територијата на Општина Прилеп.