Шеќерната приказна на семејството Николоски од Прилеп

12297751_10206874915342888_1635727024_o

Семејството Николоски од Прилеп го имаат најслаткиот занает во своите раце. Слатките задоволства во нивниот дуќан се една традиција која постојано ја надоградуваат со нови изненадувања за нивните потрошувачи. Нивната шеќерна приказна привлекува сечие око, а вкусните десерти оставаат без здив. Одлично организирани, посветени на работата и желбите на муштериите, функционираат како што велат како еден прекрасен оркестар. Трајче, Весна и нивниот син Антонио Николоски беа нашите домаќини. Го посетивме нивниот дуќан, слаткарницата Дизниленд и разговаравме за почетоците и идните планови, а тие не почестија со богато гостопримство и ни ја раскажаја својата успешна приказна.

Од кога се занимавате со слаткарството и кој прв го започна овој сладок занает во вашата фамилија?

Пред 16 години за прв пат се решивме со мојата сопруга Весна да започнеме да се занимаваме посериозно со занаетот наречен слаткарство , благодарение на моето и нејзиното домашно искуство. За подобра достапност до сите наши купувачи се одлучивме да ја смениме локацијата која што ја прилагодивме на подобри услови и место за дружба со самите нив.

Се живее ли добро од овој занает, дали имате многу порачки ?

Ако функционира сето сложено без никакви пречки, вие не треба да размислувате со овој семеен бизнис за тоа како да заработите повеќе пари. Успехот е во тоа како вашите купувачи ќе бидат задоволни од вас.

Што најмногу јадат Прилепчани ?

Не смееме да се фокусираме на еден производ, работиме со полна пареа за сите производи да бидат пласирани еднакво од наша страна , го добиваме максимумот и се надеваме дека успеваме.

Што е потребно за овие десерти да бидат добро приготвени, дали е потребно многу внимание, посветеност, љубов?

Потребно е само љубов кон тоа што го правиш, а со тоа сето бепрекорно ќе функционира.

Колку луѓе работат и кој е најзаслужен за вашата успешност на пазарот?

13 лица работат напорно, меѓутоа никогаш нема да издвоиме еден кој е најдобар, бидејќи работиме како една целина, полни љубов, полни хармонија, едноставно како еден прекрасен оркестар.

Што планирате во иднина, дали можеби проширување на бизнисот ?

За кратко време ќе имаме пријатно изненадување за нашите клиенти , моментално сме во реализација на еден проект со многу нови идеи кој што се стремиме да го оствариме за краткок временски период. Со тоа сакаме нашите клиенти да бидат задоволни, а истовремено да привлечиме нови. Исто така освен HACCAP системот, разгледуваме и за воведување на HALAL систем.

12282934_10206874915022880_361344885_n

Дали подготвувате свадбени торти, и доколку е така, колку време е потребно да се спреми една ваква поголема торта?

За подготовка на една свадбена торта неможеме да утврдиме колку време одзема. Нашиот тим се ангажира во најбрз период без никакви пречки. Не важи тоа само за свадбените торти, истото важи и за детските, свечените торти, визитарските слатки, и сите производи.

Дали сте добивале награди за вашата работа?

Во 2012 година наградени сме какo Бизнис на годината од страна на Стопанска комора на Република Македонија, во категорија мали фирми.

Ви благодариме за пријатниот пречек и ви посакуваме успешна работа во иднина, како и постојано зголемување на бројот на вашите потрошувачи. Се надеваме дека секогаш ќе носите слатко задоволство во сечиј дом.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.