Шампионскиот пехар пристигна во Прилеп: Прилепските AСОВИ се искачија на тронот во младинската лига (Фото/Видео)

Иако работите беа познати уште по завршувањето на петтото коло, вчера и официјално боксерскиот клуб “АС” oд Прилеп ја освои шампионска титула во младинската бокс лига.

Со една победа и еден пораз во последното коло, прилепските “AСОВИ” ставија печат на првата шампионска титула за нив, но и за Прилеп.

И тоа не било каква титула, туку убедливо пред конкурентите. Со огромна бодовна разлика, прилепчани зад себе ги оставија “Хасан Бег” и “Фамилија Демирови”.

Оваа титула е шлаг на тортата, откако неодамна еден од најдобрите поединци во клубот, Матеј Чатлески, стигна и до титулата Државен првак во својата категорија.

Во изминатите години БК “АС” во два наврати го освојуваше второто место во ова натпреварување, за сега да донесат голема радост за целата спортска јавност во Прилеп.

Ова е валоризација на трудот и макотрпната работа на тренерот на клубот, Дарко Чатлески, кој е горд на своите ученици и верува дека во иднина ќе израснат во врвни спортисти и шампиони.

-Оваа титула ќе биде поттик за младите боксери да тренираат повеќе за следните натпреварувања на кои ќе учествуваат. Многу млади боксери од оваа Младинска лига во следната сезона влегуваат во сениорска конкуренција, а ако продолжат со вакви настапи во следната сезона Боксерскиот клуб АС ќе биде закана и во ова натпреварување, истакна Чатлески кој не го криеше задоволството за освоената титула.

Учесници од БК АС ПРИЛЕП на младинската лига во бокс на Македонија: Матеј Чатлески, Марко Петрески, Максим Стојановски, Стефан Иваноски, Демир Демиров, Теодор Тошески, Николче Соколоски, Илче Малиноски и Давид Наумоски

Во сениорската лига на Македонија настапија: Дамјан Талимче и Мануел Абдуловски.

Медали од Државното првенство во бокс на Македонија за 2022 год. освоија:

Златен медал: Матеј Чатлески

Сребрени медали: Максим Стојаноски, Марко Петрески, Теодор Тошески и Демир Демиров

Бронзени медали: Стефан Иваноски, Николче Соколески и Мануел Абдуловски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.