Уште една во низата – падна и Кожув – Победа на чекор од Првата лига

13071791_10209298866492654_9137502033113884450_o

Фудбалерите на Победа вчера попладнето на стадионот во Миравци го совладаа домашниот Кожуф со 2-0, полувреме 2-0, и со тоа направија значаен исчекор кон пласманот во Првата лига. Победата резултатски изгледа убедлива, но како и што се претпоставуваше до неа не се стигна нималку лесно, туку напротив требаше максимално залагање против противникот, кој според играта не само денес, туку и во текот на сезоната, многупати покажа дека не го заслужува последното место на табелата. Патот кон победата фактички беше трасиран со раниот гол на Шаркоски веќе во 3-тата минута, кој го искористи киксот на домашниот голман Истатов и неговото лошо(кратко) исфрлање на топката, што напаѓачот на Победа умешно го казни пласирајќи во домашната мрежа.

13086823_10209298869492729_5556344560660916185_o

Раното водство донесе сигурност и стабилност во играта на прилепчани, кои одиграа рутинирано, со максимално залгање и полна концентрација знаеа и што е позначајно умееа да ги спроведат на дело сите зададени и поставени задачи од Стручниот штаб, на чело со шефот Дарко Крстески. Печат на победата стави Дунимаглоски во 38-ата минута со топовски и милиметарски прецизен удар малку откосо изненадувајќи го Истатов, кој повторно како да задоцни со својата интервенција. До крајот на првиот дел домаќините ја имаа единствената шанса, кога по мешаницата пред голот на Манчевски, штоперот на Победа Колевски од гол-линијата ја расчисти опасноста.

13082625_10209298869772736_2499163661687622146_n

13063032_10209298868452703_5745286262950538720_o

Во вториот дел Победа со мирна игра рутинирано го одработи остатокот од натпреварот, а секако најзаслужен што до крај остана резултатот од првиот дел е голманот Манчевски, кој му одбрани пенал на домашниот напаѓач Штерјов. Треба да се одбележи и една невнимателност на Гешоски кој заработи жолт картон, вкупно 5-тти, па ќе мора да паузира на следниот меч со Љубанци. И на овој меч 12-тти играч на Победа беа навивачите, кои фактички беа и единствените гледачи на стадионот во Миравци, па од таа страна фудбалерите на Победа се чувствуваа како дома на одличниот терен во Миравци. Ова беше шестиот последователен триумф на црвено-белите, 7-ма победа на гостински терен, а вкупно 11-тта во првенството. По резултатски скромната есен кога на 14 натпревари беа остварени 4 победи и освоени 19 бодови, пролетва со смената на раководството и под претседателската палка на Гоце Ингилизов и спортскиот директор Јовица Обрадовиќ, на досегашните 10 натпревари освоени се 22 бода, со 7 победи, 1-но реми и само 2 порази.

13015372_10209298867532680_6561830126529469360_n

13047866_10209298869052718_1427820356517065868_o

Со вчерашниот триумф Победа не само што ја зачува лидерската позиција, туку и ја зголеми предноста во однос на второпласираната Македонија од 2 на 4 бода. Останува во преостанатите 3 кола (од кои 2-пати играме дома со Љубанци и Велазерими и само еднаш на гости-со Скопје) и теоретски да за завери и потврди прволигашкиот статус. Првата прволигашка меч топка Победа ќе ја има веќе во сабота на 30-тти април, кога по скоро 7-месечна пауза црвено-белите ќе играат на својот стадион ,,Гоце Делчев”, а противник ќе биде тимот на Љубанци. Ова беше доста напорна клучна недела за фудбалерите кои извлекоа максумум и треба да им се честита на максималниот учинок од 9 бода, во решавачките по пласманот 3 натпревари, во кои беа победени Пелистер 4-1, Гостивар 3-0 и денес Кожуф 2-0. Со тоа ги демантираат скептиците и им ги затворија устите на сите оние злобници и ,,зли јазици,, кои есеноска со доза на потсмев и неверување во нивните можности, квалитети и потенцијали коментираа по секој неуспех…Но тоа е веќе зад нас и е заборавено, а сега сите мисли се свртени кон натпреварот меч-топка за пласман во Првата лига…. Во сабота не само што треба да се очекува туку и треба да се случи рекордната посетеност во Македонија сезонава на еден фудбалски натпревар. Мечот со Љубанци е шанса за потврда на фактот дека ПОБЕДА се враќа на голема врата во елитата и на неа треба да се смета најсериозно……Во сабота сите патишта, без изговори и алиби, треба да водат на трибините на Градскиот стадион Гоце Делчев…

13055130_10209298871572781_6066378378665971926_o

13096160_10209298872092794_6497210749397506791_n




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.