Србов за судските процеси против Груевски: “Груевски одбра да не слугува и не слугуваше – можат да го влечат по судови, но нема да го скршат”

(Фејсбук статус на Никола Србов)

“Изминатиот период низ медиумите следам на што се нафатила судијката Кацарска во случајот „Тенк“ каде е обвинет Никола Груевски. Од она што може да се види забалежливо е што се човек треба да стори за едно обично унапредување на крајот од својата кариера, за една обична функција, за неколку стотини евра повисока плата, возач, нешто поубава канцеларија и некаква минимално поголема важност во општеството.

Да прогласите човек за виновен, за кој знаете дека нема ниту вина ниту дело, знајќи дека доколку не беше Никола Груевски, немаше ниту да пристигне случајот до судијката а камоли да го осуди, е погазување на својата стручност и на една цела фела.

Однапред се извинувам доколку впечатокот од медиумите ми е погрешен, но тоа ќе го дознаеме набрзо, прво од исходот на пресудата, а потоа и од исплонувањето на ветувањата за истата пресуда. За првото се во прашање денови, за второто веројатно недели или месеци, но секако, сѐ ќе стане јасно и се ќе влезе во историјата.

Сите знаеме, вклучително и судијката, дека ова е политички процес како дел од еден политички прогон. Знаете и зошто му го прават ова на Груевски. Затоа што и покрај тоа што водеше разговори и имаше волја да ги реши отворените прашања со соседите, со цел да ни се отвори патот кон ЕУ и НАТО, сепак, докрај остана цврст во однос на промената на уставното име, идентитетот и јазикот… нешто што по неговата смена е предмет на распродажба од новата власт.

Сите знаеме дека многу луѓе во политиката посакуваат да видат еден извалкан и оцрнет Никола Груевски затоа што им пречи неговиот став по однос на државните и националните интереси. Им треба да го оцрнат за да не им е непријатно кога се погледнуваат во огледало и ќе се споредат со него во однос на политиката кон националните прашања.

Судијката е доволно искусна за да знае дека нејзе ја одбрале за егзекутор и сигурно се мислат дека евтино ја купиле со едно унапредување. Но оваа работа е премногу крупна за да се влезе во нејзе за некакво унапредување.

Речиси цела судска фела денеска е исплашена од Зоран Заев, но утре истите ќе се срамат од него. Запомнете го ова. Оние кои пресудуваат во монтирани судски процеси од нив утре ќе се срамат оние кои сега ги воспеваат и се гордеат со нив бидејќи тие се само камшикот во политичкиот процес.

После оваа срамна пресуда, која е сѐ поизвесно дека судијката ја подготвува, несомнено, до крајот на животот, а и потоа, името ќе ѝ носи флека која не се чисти. Целата фела говори дека се подготвува пресуда за Груевски во која ќе биде прогласен за виновен. Тука зборуваме за правда и како таа се задоволува во Македонија со моменталната власт.

На некои луѓе денеска ВМРО како партија и Груевски како поединец им изгледаат слаби и победени иако парламентарните избори беа добиени. Денеска стана „политички коректно“ да се плука по ВМРО ДПМНЕ и по поранешниот претседател Груевски, обратната опција е „политички некоректна“. Од друга страна на Заев се гледа како на надмоќен па се наклонуваат кон неговите барања и ставови занемарувајќи ја професионалноста, стручноста и вистиноста, што е тажно за едно општество.

Иста ваква ситуација владеела и во 1941 година кога фашистите ја окупирале Македонија. Тие изгледале надмоќни а народот бил иплашен. Тогаш било тренд или да ги воспеваш окупаторите или да си молчиш. Но тоа била привремена состојба од неколку години. По ослободувањето луѓето кои ги воспеваа фашистите се срамеа од самите себеси, а некои биле и судени за нивните злодела. Македонија денес е под огромен притисок. Секој сам избира како ќе реагира на тој притисок. Дали ќе го задржи својот интегритет и чест или ќе слугува за да оствари корист секој одлучува за себе. Груевски одбра да не слугува и не слугуваше, а сѐ уште се надевам дека и судијката нема да слугува.

Но, што и да одлучи, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ ќе останат горди на своето работење за Македонија. И ништо, ниту една судска одлука во вакви монтирани процеси нема да ја сруши неговата и на ВМРО ДПМНЕ сработена работа за Македонија. Можат колку сакаат да го влечкаат по судови, па и по затвори ако сакаат, нема да го скршат ниту пак ќе го избришат неговото дело за Македонија. Ова е политичко судска кампања против голем број луѓе од ВМРО ДПМНЕ, во која политичарите нарачуваат а дел од судиите извршуваат. Ги имало вакви и во минатото, ги памети историјата. Но сите завршиле со ревизија и рехабилитација на жртвите од политичкиот прогон и следело вечно оцрнување на оние кои ги суделе и оние кои нарачувале пресуди.

Вие одберете дали ќе бидете во редот на Панта Марина и редица други кои во комунистичкиот режим прифатија да ги судат неистомислениците на власта и македонските патриоти во монтирани судски процеси. Ваш е изборот. И тие тогаш добивале унапредувања. Но запрашајте се како тие денеска ги толкува историјата.

Размислете каква ќе биде вашата улога во таа режија и што за тоа ќе кажат идните поколенија. Што за тоа ќе каже Македонија кога ќе се ослободи од моменталната власт.

Сега е време на понижување на луѓето кои покажале цврстина за Македонија. Груевски треба да плати што 11-12 години работеше на подигнување на македонската национална свест. На зацврстувањето на државата и нејзиниот суверенитет. За суверенизмот како политика и како нешто кое не беше својствено за претходните власти. Тој ќе го издржи овој период, во тоа бидете сигурни, ви гарантирам, исто како што целиот македонски народ притиснат и заплашен го издржува овој терор на власта и ја чека својата шанса на изборите.

Народот сега е скриен и молчи. Но ќе дојде ден, и тоа набргу, кога тие од кои сега народот се крие ќе се кријат од сопствениот народ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.