Македонија е земјата со најголема стапка на криминал во Европа. Со најголема инфлација и рекордер по сиромаштија. Над 600 илјади луѓе живеат со 150 денари на ден. 80 илјади луѓе живеат во екстремна сиромаштија со 60 денари на ден. Македонија е на врвот по индексот на мизерија. Косово се гради и стана центар во споредба со Македонија, а Македонија не може глава да крене, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ oд митингот во Радовиш.
Мицкоски посочи дека причината за ваквите резултати се ДУИ и СДСМ.
„Ахмети владее со Македонија, Ковачевски му слугува. Груби, Талат, Бујар ја раскрчмуваат, а Маричиќ, Спасовски, Николовски му помагаат. Ахмети е стопанот, а Ковачевски на тацна му даде се што сака. На тој начин си купуваат мир и време во фотелјите додека народот страда. И таквата неспособност се пресликува од министер до службеник“, кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПММЕ се осврна на ситуацијата во Радовиш и конкретно на еден скандал од деновиве.
„Поставија директор на центарот за социјални работи, го фатија со дрога, потоа го фатија како во алкохолизирана состојба напаѓа полицајци. Министерот за труд во техничката влада Ѓоко Велковски кој е на предлог на ВМРО-ДПМНЕ го разрешува, владата вчера го враќа на таа иста позиција. Која е пораката која ја испраќаат? Може некој да продава дрога, да тепа полиција овде во Радовиш ама мора директор да биде“, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде „тие мислат дека закон за нив не важи, реално граѓанин може да одговара ако помине на жолто светло, ама овој може да тепа и продава дрога и никој ништо не му може“.
Претседателот Мицкоски најави дека доаѓа крајот на ваквата ситуација.
„Ви велам дека овие избори се и шанса да воспоставиме ред. Доаѓа одговорност за сите кои се огрешиле пред законите. Доаѓа одговорност и владеење на законите подеднакво за сите. Било да е некој од СДСМ, ДУИ или ВМРО. Мора еднаш да владеат законите, ако сакаме Македонија да ја биде. Нашата борба е и за средена Македонија. Македонија на народот и која ќе биде повторно твоја“, порача Мицкоски.