Движењето “Одлучно за промени” на политичките партии ЛДП и ДОМ вчера организираше митинг на плоштадот “Александрија” во Прилеп.
Голем број граѓани присуствуваа на митингот, а пред нив се претстави кандидатската листа за советници, предводена од Јане Станкоски и кандидатот за градоначалник на Прилеп Славе Петрески.
“Ќе работам 4 години ефективно, а не како овие 2 месеци пред избори”, истакна кандидатот за градоначалник на овие партии, Славе Петрески, кој ги презентираше и дел од проектите во програмата.
Лидерот на ЛДП и актуелен министер за локална самоуправа, Горан Милевски зборуваше и за штотуку завршениот попис во Македонија.
“Деновиве заврши пописот, во Македонија имало 1.800.000 жители, така кажа Заводот за статистика кој го организира овој попис. Од друга страна ДИК вели во Македонија има 1.800.000 избирачи, тоа значи дека кај нас секое новороденче веднаш се стекнува со право на глас. Во Македонија сите имаат право на глас. Е сега кој е во право ДИК или ДЗС и двата се државни органи. Дали е ова прашањето поради кое што инсистираше и опозицијата и сите да не се одржи попис во пролетта. Дека ќе ја дознаеме вистината, дека кај нас нема 1.800.000 избирачи, дека имаме сомнителен список, кој ќе одговара за овие стотици илјади граѓани кои се фиктивно на избирачкиот список”, истакна Милевски.