Претседателот Ѓорѓе Иванов му честиташе на капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Владо Илиевски, за сиот досега вложен труд на теренот, а по повод неговото збогување од националната кошаркарска репрезентација.
-Ти честитам за твојата борба на теренот до последен здив и сакам да ти заблагодарам за тоа што остави силен белег и пример за идните генерации, за тоа како безусловно се сака и се игра за Македонија, напиша Иванов на својот фејсбук профил.
Македонскиот претседател упати и поздрав до сите репрезентативци и им порача „главата горе и напред кон идните предизвици на теренот и во животот“.
Илиевски се заблагодари за поддршката од претседателот Иванов истакнувајќи дека му било чест и дека со сето свое срце играл за Македонија.
-Се надевам дека идните генерации ќе продолжат по истиот пат и дека Македонија ќе биде горда на нив, вели Илиевски.