Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство на Македонија м-р Станкоски Јане и директорот на Централниот инспекциски оддел за заштита на квалитетот и за заштита од измами кај земјоделско-прехранбените производи при Министерството за земјоделство, прехранбен суверенитет и шумарство на Република Италија Феличе Асентза, македонскиот и италијанскиот амбасадор, Мемеди и Силвестри, потпишаа Меморандум за разбирање во областа на контрола на земјоделски производи.
Преку овој Меморандум двете држави ќе воспостават постојан канал на соработка со цел да се подобрат стандардите за контрола на прехранбените производи, на ознаките на храната, на органските производи, на географските ознаки за вина, за ароматизирани вина, за прехранбени производи и за јаки алкохолни пијалоци и на снабдувањето на земјоделските стопанства.
Меморандумот обезбедува услови за размена на податоци, искуства и добри практики во насока на заштита на потрошувачите.
Преку размената на искуства се очекува да се зголеми ефикасноста во намалување на нивото на прекршување на законската регулатива поврзана со трговијата на прехранбени производи и со географските ознаки.
Државниот инспекторат за земјоделство ќе продолжи да ја унапредува воспоставената пракса во понатамошниот период за одржување на успешна комуникација со другите релевантни органи и институции од регионот и пошироко во Европа.