Деновиве се одбележаа 75 години од почетокот на народно-ослободителната борба на македонскиот народ. 11-ти Октомври претставува еден од најзначајните датуми од македонската национална историја, тој претставува ден кога македонскиот народ одлучно се спротивстави на фашистичките и големобугарските стремежи, но и на претходните големосрпски цели и силно порача дека нема да дозволи повеќе негирање и поробување туку со сите сили ќе се бори за својата слобода. На тој 11-ти октомври 1941 година започна и последната фаза од вековната борба на македонскиот народ, фаза која резултира со исполнувањето на вековниот сон на генерации Македонци-самостојна и суверена Македонија, најпрвин како рамноправна република во рамките на поранешната СФРЈ, а од 08-ми Септември и како целосно самостојна и суверена држава.
Исто така, наредните денови ќе се одбележат и 123 години од денот кога е формирана првата револуционерна организација на Македонскиот народ, односно од денот кога Македонскиот народ почна организирано да се бори за своја држава. И овој датум, 23-ти Октомври претставува камен-темелник на кој почиваат темелите на Македонија. Овие два светли датуми од поновата македонска историја се нераскинливо поврзани еден со друг-едноставно кажано, да не беше првиот, можеби немаше да биди ни вториот.
Борбата на овие две генерации Македонци треба да претставува светол пример за нас денес, таа треба да инспирира, да мобилизира и да насочува во иднина.
Ова е момент кога треба да си спомниме за безбројните херои и жртвите што тие ги дале за денешната слобода. Да се потсетиме за тогашните времиња, но и за денешната стварност-колку ние ги почитуваме нив, нивните идеали, но и нивните аманети.
„Ослободувањето на Македонија лежи во едно внатрешно востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, се лаже и себеси и другите“. Ова е една од најзначајните мисли на великанот Гоце Делчев. Таа воедно претставувала и основен принцип, начело според кое тој се раководел во својата борба. Многу добро ги знаел тогашните прилики и тенденции, многу добро знаел дека Македонија за да се ослободи не можела да смета на помошта на никој од страна, затоа што сите соседни држави настојувале да ја освојат, а не да ја ослободат. Затоа, целосно се посветил на организирањето на Македонскиот народ за борба за сопствено ослободување. Сами, без помош од никого, со сопствени сили.
Поминаа повеќе од сто години од тие историски денови. Македонија е независна држава. Ние практично го живееме сонот на Делчев, но и на таа генерација револуционери што се бореа и ги положуваа своите животи за оваа денешна слобода.
Ситуацијата денес, иако можеби на прв поглед изгледа поразлично, сепак не е сосема сменета. Република Македонија е, и во иднина ќе биде предмет на странско интересирање и мешање. Големите идеи на малите народи иако денес потиснати, сепак се одржуваат притаено.
Делчевата мисла денес е исто толку актуелна како и во неговото време.А главната порака е дека Македонскиот народ мора да се потпри исклучиво на сопствените сили и можности.
Јас немам дилема дека Македонскиот народ е цврст и одлучен во својата намера да ја зачува и гради Република Македонија. Но, имам огромни дилеми кон одредени лица кои денес претендираат да бидат лидери, односно „Водачи“. Тоа некако не следело и низ минатото. Речиси секогаш постоеле мала група или народски речено „ рака“ луѓе кои се ставале во служба на туѓи интереси и му нанесувале огромни штети на Македонскиот народ, на неговата борба. Дури и самиот Гоце Делчев своевремено рекол: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот народ“. Но, иако, таквите лица направиле голема штета, сепак не успеале да го спречат Македонскиот народ во својата намера. Затоа што секој оној што се ставил во служба на други и одработувал за туѓи интереси, а на штета на интересите на сопствената нација, тоа го правел за кратко време, не постигнал подолгорочни резултати, но завршил на „буништето на историјата“-бележан, осуден и отфрлен, но и елиминиран.
Но, за жал и денес некои политичари не го проучиле неговото дело, ниту ги запомниле неговите мисли или пак можеби неговото дело, идеали и борба не ги сметаат и како свои. Затоа многу често на високи државни позиции ни се провлекуваат лица кои паѓаат на скапи часовници, скапи стари амфори, дебели хонорари и слични привилегии. Политичари кои се спремни да „свиткаат кичми“, да сквернават историја и опортунистички да дејствуваат само за свои лични интереси не можат да бидат водачи на Македонскиот народ. Политичари што се спремни да го „јадат“ својот народ не можат да бидат негови водачи.
Кои се тие лидери што со „виткање кичми“ го одвеле својот народ во некаква подобра иднина. Кои се тие лидери што служејќи на други ја зајакнале својата држава. Ако ги имало во минатото покажете ги. Јас не знам за такви. Но знам дека ниту еден фашистички соработник во текот на Втората светка војна не ја избегнал казната на народот. Исто како што старите комунистички елити биле соборени од народните маси, така и САД успеале да ги задржат од нивна страна инсталираните режими во Виетнам, Иран, Куба. Па инсталираните влади од страна на САД во Виетнам и Куба беа соборени од комунистичките сили кои имаа широка народна поддршка, а во Иран владетелот беше соборен од страна на верски радикали исто така со огромна народна поддршка. Исто така паднаа и режимите во Полска, Чешка, Унгарија или во Романија (на далеку поекстреман начин) како режими инсталирани и поддржани од страна на поранешниот СССР. Комунистите добиле поддршка од народот за да се соборат режими кои работеле спротивно на волјата на тој народ, а потоа истиот тој народ ги соборил тие комунистички режими што пред тоа ги поддржал. Треба ли уште примери. Историјата е полна со такви.
Македонија и Македонскиот народ не можи да „витка кичма“ и да отстапува назад секогаш кога ќе се соочи со проблем. Македонија и Македонскиот народ мора да се бори. Да се бори за себе, за својата иднина.
Секој оној кој претендира да биди водач или лидер на Македонскиот народ, на Република Македонија мора да знае дека Македонскиот народ, односно Република Македонија мора, и при тоа нема друг избор, да се потпри исклучиво на сопствените ресурси, на своите сили, на своето „оружје“. Република Македонија мора да ја градиме како политички, економски и воено силна и стабилна држава. Република Македонија мора секој Македонец да ја чувствува како свој дом, како нешто највредно за кое што треба да се бори. Република Македонија треба да биде приоритет на секој Македонец. Тоа им го должиме на генерациите што се бореле за оваа слобода, но тоа и им го должиме на генерациите на кои што треба да им ја оставиме во наследство. Во политичкото дејствување на секој чесен Македонец треба да бидат приоритет интересите на Македонската нација, не интересите на било кој странски фактор-странски држави, новокомпонирани империи и мали народи што се занесуваат дека се империи. Секој оној што одработува за интересите на Македонија ќе биде доволно достоен да се стави себе си во темелите или градбата на Македонската држава. Секој оној што одработува во корист на други, а на штета на нацијата на која што припаѓа, ќе заврши на „буништето на историјата“.
И повторно ќе го цитирам великанот Гоце Делчев. Неговата мисла „Ослободувањето на Македонија лежи во едно внатрешно востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, се лаже и себеси и другите“, денес тоа би можела да се протолкува дека опстанокот, растот и развојот на Република Македонија е исклучиво зависна од сопствените сили. Кој мисли поинаку се лажи себеси, а и другите.
Гоце Делчев е великан на македонскиот народ. Неговото дело треба да е патоказ за сите денешни и идни политичари, за сите оние кои претендираат да бидат водачи на Македонскиот народ.
На Македонија и требаат одлучни лидери со визија и храброст да се соочат со предизвиците. А не лица од типот на мекотели или амеби или пак аморфни маси што секој ќе ги моделира според своите потреби и интереси.
Иле Тасески
Дипл.економист