Уставот на Македонија и собранискиот Деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата.
Во членот 93 од Уставот е наведено дека „Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата и престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.
Во член 219 од Деловникот на Собранието, пак, стои дека „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Премиерот Зоран Заев и претседател на владејачката СДСМ вчера по поразот што го претрпе партијата на локалните избори на завршната прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од двете функции.
–Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори, истакна Заев, честитајќи им на политичките опоненти на изборната победа.
Заев прес-конференцијата во седиштето на партијата не најави што понатаму, кој би го презел кормилото во партијата, ниту пак кој би ја презел челната позиција во Владата.
Тој е претседател на СДСМ од 2013 година. Партијата има и заменик-претседател, Сања Лукаревска и четворица потпретседатели Мила Царовска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи и Оливер Спасовски.
На премиерската функција е од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.
Заев вчера, сепак, нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.
–Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.