Договорот со Македонија за новото име на нашата држава предизвика потрес во владеачката коалиција, принудувајќи ја да ја преиспита својата стратегија – пишува грчкиот весник “Катимерини”.
Притисокот особено се почувствува минатата недела oткако владеачкото мнозинство во грчкиот парламент падна на 152 пратеници од вкупно 300. Новото ситнење го предизвика пратеникот Гиоргос Лазаридис од партнерот во власта на Ципрас “Независни Грци”, кој замина токму поради договорот за името и рече дека ќе делува како независен пратеник.
Неговото заминување следеше после исклучувањето на пратеникот Димитрис Каменос од “Независни Грци” поради тоа што одби да ја поддржи Владата при гласањето недоверба во парламентот.
Одлуката на Лазаридис дојде како шок за владата, која заплови мирно откако го преживеа гласањето за недоверба покренато од опозициската “Нова Демократијa”. Дури и лидерот на “Независни Грци”, Панос Каменос, тврдеше дека има контрола над неговите пратеници – додаваат од “Kaтимерини”.
Притисокот пак кој го имаат и други пратеници од коалициониот партнер на премиерот Ципрас, ја става владината коалиција во уште поголема тензија.
Негативната атмосфера и негативен однос кон договорот со Македонија се покажа и минатиот петок во градот Серес, каде се одбележуваше 105-годишнината од ослободувањето на градот од Отоманците.
На настанот беше присутен и министерот за транспорт, Панајотис Коурублис, кој од присутните беше наречен “предавник” – завршуваат од грчкиот весник.