“Би-Би-Си” на српски: Пет работи кои требаше да се случат на Самитот на ЕУ во Софија, но нема: Македонија останува блокирана

Земјите на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, очекуваа многу од самитот на ЕУ за Западен Балкан кој денеска започна во главниот град на Бугарија – пишува “Би-Би-Си” на српски јазик.

Средбата на 28 шефови на држави и влади од ЕУ со нивните колеги од шестте држави во регионот кои тежнеаат за членство во Европската Унија – Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово – требаше да даде нов замав во процесот на проширување.

Освен тоа, самитот се одвива три месеци откако Европската комисија ја објави амбициозната стратегија за проширување, која содржи ветување дека Србија и Црна Гора, како предводнички во преговорите за придружување, многу брзо можат да станат полноправни членки – додаваат понатаму од српскиот “Би-Би-Си”.

Во Лондон, во рамките на Берлинскиот процес, веќе во јули ќе се одржи уште еден самит на истата тема, па едно време изгледаше дека собирот во Софија е идеална припрема за тоа.

Меѓутоа, изгледа дека ентузијазмот за проширување предвиден со Стратегијата веќе во добар дел спласна.

Порталот ги наведува петте работи кои нема да се случат во Софија, иако се очекувале:

1.Нема да присуствуваат сите: Шпанскиот премиер Маријано Рахој го бојкотира собирот во знак на протест поради тоа што се повикани претставници од Косово, кое Шпанија не го признава. Шпанците во последните месеци го заострија ставот кон Косово, затоа што се плашат дека тоа може да стане модел за отцепување на Каталонија. Изостанокот на еден од 28 лидери не значи многу, но ако се има во предвид дека за сите одлуки за проширување потребен е консензус, тогаш бојкотот е лош сигнал.

2.Балканот нема да биде центар на внимание: Повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран и неодамнешното крвопролевање во Газа, ќе бидат доминантни теми на самитот, а тоа го најави и германската канцеларка Ангела Меркел. Со оглед дека се работи за неформален собир без цврст дневен ред, постојат добри изгледи дека лидерите на Западен Балкан ќе останат маргинализирани, додека на маса големите играчи ќе расправаат за поважни теми.

3.Нема да стане збор за проширување: На инсистирање на Шпанија, од нацртот на завршната декларација, исфрлен е зборот “проширување” и заменет е со магловит термин “европска перспектива”. Освен тоа, одново поради Шпанија, наместо “држави од Западен Балкан”, ќе се говори за “партнери од Западен Балкан”, затоа што Косово во очите на Шпанците не е држава. Во декларацијата не се споменуваат поедини земји, ниту рокови за проширување. Ова претставува барем два чекори наназад во однос на февруарската Стратегија.

4.Македонија и Албанија ќе останат блокирани: Во очи на самитот се веруваше дека до неговиот почеток ќе дојде до компромис во спорот околу името помеѓу Грција и Македонија. Тоа не се случи. И Албанија, која во изминатите месеци спроведе радикални реформи во правосудството, се надеваше на почеток на преговорите, но од тоа засега нема ништо.

5.Нема да има напредок и околу Косово: Постоеше надеж дека до самитот, или на него, би можело да дојде до напредок во врска со формирањето на Заедницата на српски општини, што би го одмрзнало бриселскиот дијалог за нормализација. Судејќи според изјавите на приштинските власти, ниту од тоа нема ништо.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.