Членот на светиот Синод на МПЦ – ОА, повардарскиот митрополит г. Агатангел испрати отворено писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски во кое го повикува да донесе одлука за бојкот на референдумот.
Писмото на владиката Агатангел во целост.
Почитуван г-дин Мицкоски,
И по поминати 125 години од основањето на ВМРО, македонскиот народ сè уште е емотивно поврзан со идеите, залагањата и дејствувањето на првенците на оваа семакедонска организација. ВМРО е цврстиот темел и основниот носечки столб на целокупната национална борба за македонската правда и вистина. Од лоното на ВМРО, во тешкиот и трагичен XX-ти век, во континуитет произлегувале илјадници знајни и незнајни херои, кои со многу љубов и посветеност ја жртвувале својата младост и свесно се откажувале од лагодноста и привидниот спокој на животот, имајќи го пред себе вечниот идеал на Македонците, а тој е да имаме сопствена, суверена и независна држава, каде во мир и слобода, непречено ќе растеме во добродетелите и ќе го унапредуваме, градиме и збогатуваме својот македонски иденититет, својот фолклор и самобитност, својата христијанска вера и својата национална култура.
Трновит бил патот и големи биле страдањата на овие наши великани – народни борци за слобода, кои во ниту еден момент од својот краток живот не паднале со духот, не се предале, ниту се посомневале во остварувањето на оваа света и праведна цел. За жал, најголемите македонски синови не доживеаја да го видат Македонецот достоинствен и неугнетуван, ниту пак да го почувствуваат вкусот на слатката слобода.
Дури во 1991 година, под водството на наследниците на историското ВМРО, на само еден мал дел од древната и света македонската земја, конечно се створија услови за да биде формирана независна македонска држава. Иако, на секому од нас ентузијазмот и вербата во подобро утре му беше на највисоко ниво, сепак бевме свесни дека Македонија не престанала да има јавни и тајни непријатели, кои ќе направат сè што е во нивна моќ за да ја покријат штотуку појавената светлина, да ја ускратат радоста и да го насадат мракот во душата на просветениот македонски народ.
Речиси 30 години сме сведоци на оваа нечестива и уникатна операција, која катадневно со своите пипци се вовлекува и одвнатре го нагризува македонското општество. Но, како и да е, и покрај сите налети на лицемерните и духовно сиромашните белосветски профитери, македонскиот народ го имаше адутот на единството, од каде ја црпеше својата надеж, својот опстој и својата непопустливост. Токму заради тоа, во последните неколку години, со сите сили и со сите средства беше удрено врз цврстата градба на единството. Ова беше нивниот последен обид, нивниот последен топовски плутон врз кревкото ткиво на мирниот и правдољубив македонски народ. Сосема им беше јасно дека разединувањето е нивниот спас, а стравот, нерешителноста и слабодушноста на македонскиот човек беше нивната опскурна цел. Затоа, сесрдно се потрудија македонскиот народ да го потопат во мракот на неинформираноста, хранејќи го секојдневно со ниска и грда пропаганда и ветувајќи му на подарок нејасна, но светла иднина, каде во изобилие ќе истекува незаслужено и незаработено богатство.
За жал, многумина се фатија во оваа стапица и станаа силни поборници и гласноговорници на оваа магловитост позади која се крие висока карпа која се заканува да го потопи бродот на чија палуба е искачен целиот македонски народ, целата негова историја и сета негова неизживеана иднина. Мораме да признаеме дека сите сме помалку виновни што дозволивме духовни сиромаси и луѓе со леснопоткуплив и плиток ментален склоп, да ни бидат првенци во јавниот и политички живот на нашето општество.
Одговорноста е сечија, ова е ноторен факт. Но, факт е и тоа дека и покрај сите притисоци, закани и уцени. самосвеста и нагонот за преживување на македонскиот народ е на високо и завидно ниво.
Единственото нешто кое во моментов му фали на народот е чесно и искрено водство, кое ќе ги спои и сублимира народните повици, а потоа правилно ќе ги здружи, насочи и генерира во моќна и незаобиколна сила и енергија која ќе го крепи и во иднина ќе му биде пулсот во крвотокот на Македонецот.
Вие, г. Мицковски, ја имате таа шанса и таа историска одговорност, да бидете водачот на народот, кој без патетично калкулирање и политизирање, ќе застанете во првите редови на македонскиот национален непокор. Македонскиот народ во моментов нема многу опции на располагање. Нему му преостанува единствено можноста самиот да се организира и да го спречи обидот за негово целосно уништување.
Ова е клучниот историски момент за ВМРО – ДПМНЕ и за Вас како нејзин претседател, да покажете дека сте вистински наследници на историското ВМРО. Ова не значи дека Ве наведувам да земете пушка во рака и да појдете в планина. Тоа никако не е целта на моето обраќање кон Вас. Секој кој барем малку трезвено размислува, знае дека на ваквата сила која се има надвиснато над нашите глави со сила не можеме да ѝ се спротивставиме.
Во моментов е потребна смиреност, интелигентност и решителност. Посилниот може да ни ја одземе слободата, но никако не може да ни го одземе достоинството. Послабиот победува доколку правилно го користи умот и предадено ја живее добродетелта. Добриот Бог отсекогаш ги штител онеправданите и угнетените. Ова, ние Македонците најдобро го знаеме. Векови на страшни погроми и геноциди сме поминале, но нашите предци, бивајќи под Божја закрила, ниту се асимилирале, ниту, пак, исчезнале од историската сцена. Напротив, без никаква помош и туторство се организирале и ја повеле борбата за национална и црковна слобода на македонскиот народ.
Бидете и Вие на правата страна и отворено пред целиот свет и пред сета македонска јавност повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се спрема за да ја оддува Македонија и македонскиот народ. Само на тој начин ќе покажете дека Вашите корени се насадени на принципите на славното ВМРО. Секогаш имајте предвид дека ВМРО не е затворено во некаква зграда и накитено со статути и програми. ВМРО е душата на македонскиот народ, односно искрата која го потпалува народниот стремеж за сесрдна борба против неправдата.
И како што на 23 октомври 1893 година само шестмина интелектуалци го посеаја семето од кое подоцна ќе никне и ќе разграни плодоносното дрво на слободата, така ќе се случи и денес, доколку заради разни интереси и слабодушност, бива напуштен и предаден македонскиот народ од своите првенци. И јас како Македонец, но и целиот чесен македонски народ, никогаш нема да се помири или да прифати промена на древното име на нашата татковина, ниту промена на нашиот идентитет. А, доколку, преку разни местенки и присилувања тоа и навистина се случи, тогаш нашиот пркос во наследство ќе го пренесеме и на идните генерации кои ќе чекаат вистинска прилика да си го повратат загубеното.
Искрено се надевам дека ќе бидете на вистинската страна г. Мицковски и нема да дозволите да бидете запаметен како првиот водач на ВМРО кој потклекнал и во соработка со мрачните сили на овој свет ги погазил националните интереси на македонскиот народ. Од мене и од сиот верен македонски православен народ во Повардарската епархија ја имате целата поддршка да оддолеете на притисокот на силните од овој свет.
Вечна нека ни е Македонија и македонскиот Богољубив народ во неа.
Со почит и Божји благослов,
Пишува: г. Агатангел – МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ
Извор: “Република”