Стивен Хокинг во својот последен научен труд пишувал за тоа како научниците би можеле да откријат паралелени универзуми, но и за тоа како токму нашиот би можел да дојде до својот крај.
Хокинг сметал дека ако човечкиот вид има какви било шанси да преживее, идните генерации би морале да изградат за себе нов живот во вселената.
Една од работите што најмногу го загрижувале Хокинг во врска со планетата Земја беше глобалното затоплување.
„Некои физички ресурси се трошат со алармантна брзина. На нашата планета ѝ подаривме ужасен подарок – климатски промени. Температурите растат, поларните предели се намалуваат, шумите умираат, а животинските видови исчезнуваат“, предупреди тој во јули, 2017 година.
Ако не се намали испуштањето на штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, Хокинг сметал дека Земјата еден ден ќе изгледа како Венера, со температури на површината од 460 степени Целзиусови.
„Следен пат кога некој ќе го негира постоењето на климатските промени, кажете му нека оди до Венера. Јас ќе му го платам патот“, рече Хокинг.
Тој беше убеден дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од Парискиот климатски договор ја осуди нашата планета на пропаст.
„Блиску сме до точката од каде штетата од глобалното затоплување ќе стане непоправлива“, рече тој лани за BBC.
Славниот научник тврдеше дека вештачката интелигенција (AI) наскоро ќе стигне до ниво на кое ќе стане „нова форма на живот што ќе ги надмине луѓето“. Тој отиде до таму што изјави дека AI би можела целосно да ги замени луѓето, иако не кажа како би можело тоа да се случи.