Познатата сопственичка на пропаднатата штедилница „ТАТ“ од Битола, повторно е во затвор, објави Досие.мк. Како што пишуваат од Досие.мк, таа е спрoведена во затворот Идризово на издржување затворска казна за измама на неколкумина битолчани од кои успеала да земе над 600. 000 евра.
Според пресудата Николовска ги измамила битолчаните дека ќе им овозможи да си го вратат заробените пари од нејзината пропадната штедилница. Им рекла дека и требаат пари за рестартирање на познатата битолска свилара со што наводно ќе ги вратела парите, но и ќе вработела нивни роднини. Таа на измаминети им рекла дека судот во Стразбур и го вратил имотот и златото и дека ќе почнела да работи печатницата на нејзиниот починат сопруг.
За парите, според пресудата ветила и камата. Најмногу зела од маж од Кравари околу 300.000 евра. Парите ги земала дел по дел во суми од 40 до 60 илјади евра. Еден од измамените е и нејзин братучед од кого зела најмалку пари. Од него парите ги зела оти се жалела дека дома немаат пари за јадење.
Ова е втор пат Николовска да е зад решетки. Таа пред 20 тина години беше прогласена за најуспешена менаџерка како сопственик на штедилницата „ТАТ“. Беа оштетени над 13.000 штедачи од кои беа ограбени над 60 милиони евра. Тогаш Николовска доби три и пол годишна затворска казна за даночно затајување.