Избран нов Претседател на прилепската Стопанска комора

Фото/printscreen

После 2 децени раководење со Управниот одбор на Регионалната стопанска комора, нејзиниот претседател Симон Наумоски, денеска се повлече од оваа функција, а него ќе го замени Ирена Јакимоска, косопственик и менаџер на Комфи Ангел. Наумоски истакна дека во Прилеп има доста млади бизнисмени кои ќе ја продолжат успешната работа на Комората.

Оваа кадровска смена се случи на денешната пленарна седница на УО на Регионалната канцеларија на комората во Прилеп, кога беа верифицирани и мандатите на неколкумината нови в.д. директори на прилепските јавни претпријатија.

Досегашниот претседател на СК-Прилеп, Наумоски посочувајќи дека повеќе од дваесет години ја извршува функцијата, истакна дека се постигнати завидни резултати со тимот со којшто соработувал.

„По повеќе од дваесет години раководење со Управниот одбор на Регионаланата стопанска комора, одлучив да се повлечам од оваа функција од повеќе причини. Пред сè годините кои тоа ми го наложуваат, а имаме многу млади кадри. Ценев дека сосема успешно ќе ме заменат на оваа позиција и затоа се повлеков. Лично сум преблагодарен, зошто работев со многу силен состав на Управниот одбор, секогаш беа комплетно присутни на седниците, секогаш беа многу актуелни во своите настапи, предлагања и решенија по актуелни стопански теми поврзани со општината и пошироко. И тоа што остануваат како членови на Управен одбор верувам дека ќе бидат од корист и ќе придонесат и понатаму Управниот одбор на Регионаланата стопанска комора во Прилеп да продолжи со новиот претседател успешно“, рече Наумоски, при примопредавање на функцијата на својата колешка, инаку една од најдобрите жени менаџерки на Македонија според агенцијата „Марили“, Ирена Јакимоска.

Јакимоска изјави дека ќе се потруди во наредниот период да ја оправда довербата и дека како нејзината прва задача ќе биде воспоставување на поблиски односи со студентите од Економскиот факултет во Прилеп.

„Благодарам на довербата искажана од членовите на Управниот одбор на Регионалната стопанска комора и досегашаниот претседател. Ова го кажува најискрено, нема да биде лесно да се продолжи нешто што толку години било работено на правилни постулати. Ние сме една од најдобрите комори во Македонија. Да се продолжи нешто што функционирало толку добро и успешно ќе биде голем предизвик за мене и се надевам дека ќе ја оправдам довербата и заедно со локалната самоуправа се надевам дека ќе бидеме уште поуспешни во намерите да ги застапуваме интересите на бизнис секторот. Треба сите ние да се вложиме и да го направиме Прилеп подобро место за живеење и работење. Мојата лична визија е блиска соработка со студентите од Економскиот факултет, дури и нивна едукација во делот на имплементирање на системи кои што би му помогнале на членовите на Управниот одбор и членовите на комората, кои после нивната едукација на тие системи, несебично да го пренесат тоа знаење на компаниите“, изјавиЈакимоска.

Управниот одбор Регионалната комора беше дополнет за уште два членови компанијата Марфил и компанијата Акомпласт, а за брзо време се очекува тука да се приклучи и Гентерм.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.