ГЛАСОТ НА „ЗИМЗЕЛЕНИТЕ“ – Koлумна на Протоереј Љупче Петрески

Изминатава година, како последица на низа настани кои се случуваа, еден мал дел, од нас црковните лица, владици и свештеници, реагиравме и реагираме на собитијата кои ја потресуваат нашава ни татковина од кои се чувствуваме засегнати.

Реагираме со единственото „оружје“ кое можеме да си го дозволиме – зборот, пишан или изговорен! Тоа предизвика мала бура од реакции, позитивни и негативни. Позитивните и оние невкусните ќе ги оставам настрана а ќе ги споменам само негативните, како на пример: „Па што има тие да се мешаат?“; „Црквата не смее да се меша во политиката!“; „Нека си гледаат таму службата и молитвата“ и т. н. И, се разбира, неизбежното партиско „обојување“ од страна на негативно настроената јавност, односно, онаа на која нашите говори и писанија не им годат. Нејсе!

Прашањето е: Има ли право, црковно лице (владика или свештеник), да зборува како другите граѓани?

Еве им одговор на оние што говорат дека свештеникот нема такво право.
Ние, црковните лица, не живееме на Марс. Ние сме реални и лојални граѓани на оваа држава, со име и презиме.

Па, ако во нашево демократско општество граѓаните имаат право, иако денес и тоа е под знак прашалник, на слобода на говор и искажување на своето мислење, зошто тоа право да ни биде ускратено нам, на свештените лица? Уште повеќе затоа што ние не словиме за војни, нит за неправда или за нешто аморално ами за сеопшто добро.

Навистина, за нас примарно е молитвеното застапништво пред Бога за сопствениот народ и богослужението, но тоа не значи дека сме глуви и слепи за се’ друго околу нас, надвор од Црквата.

Ние не сме изолирани од средината во која живееме. Како и другите граѓани, и ние плаќаме даванија кон државата, за гориво, електрична енергија …

Како другите, така и ние имаме должност да излеземе на избори и некому да го дадеме својот глас, со надеж дека таа партија што би ја водела државата ќе придонесе за подобар живот на нашите семејства и на сите граѓани воопшто.

Но за да го направиме тоа, нели треба претходно добро да бидеме запознаени со политичките движења, предизборни ветувања и случувања на политичката сцена за да знаеме, според своите убедувања, кому да го дадеме својот глас?

Навистина, може да не гласаме, но што ако сите така размислуваме? Затоа, сметам дека, сето ова ни дава потполно право да не молчиме доколку гледаме, според своето видување, дека државниот брод не плови во вистинскиот правец, особено ако се работи за прашањата кои од темели ја тресат татковината како во случајов со ниетот на власта да го промени името, идентитетот, јазикот.

Исто така, ние, црковните лица, како и секој друг граѓанин, не треба да молчиме доколку гледаме дека власта практицира беззаконие, неправда, криминал, не води грижа за благосостојбата на граѓаните и т н. Во нашиов случај, иницијалната каписла за ваквата активност, беше иницијативата на оваа власт за промената на името на татковината. И затоа ќе речам дека се работи за родољубие а не за политикантство.

Да се потсетиме дека пред нецели два месеци, во Грција, во врска со проблемот за името Македонија, беа организирани едни од најголемите протести во историјата на таа земја, во кои најгласни беа црковните лица стоејќи во првите редови бранејќи го својот став. Грчкиот народ не само што не ги осуди туку застана зад нив.

За жал, во Македонија, доколку владика или свештеник јавно проговори дека е против промена на името на татковината и ја критикува власта бива осуден дека се занимава со политика и дека тоа не му е работа. Како и да е, морам да признаам дека ние, црковните лица, треба многу повеќе да ги критикуваме и осудуваме сите негативности кои водат кон уназадување и дегенерација на општеството во кое живееме.

Всушност, треба да се осудува се’ она што длабоко се коси со моралните и верските принципи и норми. Во спротивно, „замижувањето“ ипремолчувањето би биле лицемерни во однос на сопствената вера и Бог.

Значи, Црквата е одвоена од државата, но никако не е одвоена од општеството. Црквата не може отворено да се бави со политика, но безбели мора гласно и недвосмислено да ги критикува погубните политики за државата и народот и појавите кои го загрозуваат просторот во кој живееме.

Македонската Православна Црква е една од ретките, ако не и единствена институција, која со векови опстојува на овие простори и како таква, сметам дека има обврска да се спротивстави на општествената ентропија, односно не може и не смее да биде глува и слепа пред аномалиите во општетвото.

Црквата, односно свештените лица, не смеат да си дозволат луксуз да се маргинализираат преку пасивност или само повремено критикувајќи бенигни појави како на пример „Пиво фест“ или „Питијада“ доколку се одржуваат во време на пост.

Во општество, како нашево, во кое голем дел од политичката елита е неизлечливо заразена со криминал, каде националните интереси, место први се последни, каде се продава името на државата, се гази врз македонскиот јазик и идентитет, каде цвета корумпираноста во сите сфери, каде најграмотните едвај чекаат шанса да побегнат од земјата, каде „белата чума“ немилосрдно коси, Црквата, доколку сака да опстане како релевантна структура или институција, мора не само во храмовите туку и надвор од нив, гласно да го осудува ужасот околу себе, со соочување со ризиците.

Без оглед на притисоците од власта, кои деновиве кулминираа со обидот за апсење на митрополитот Петар а претходно и со јавната закана за апсење на митрополитот Агатангел, сега е моментот кога не треба да се молчи!

Власта и некои невладини(?) организации најверојатно би сакале Црквата да исчезне или барем да ја хибернираат на подолг период, а во најмала рака да ја маргинализираат, но треба да знаат дека тоа, гледано на подолг период, е контрапродуктивно и за власта и за општеството.

Исто така, треба да имаат на ум декаЦрквата и нејзините претставници, владиците и свештениците, се „зимзелени“ за разлика од политичарите и партиите кои се „листопадни“, односно „преодни господари од овој свет“! Должината на „мандатите“ е неспоредлива.

Исто така, треба да е јасно дека когание, црковните лица, ја критикуваме власта или одредена политичка партија не лобирамеза одредена партија ниту претендираме за политичка или некаква друга позиција.

Нашата кариера е зацртана и немаме никаква потреба да лобираме со тоа што ќе го зборуваме само она што народот сака да го слушне, како што вообичаено говорат политичарите, кои, пак, за разлика од нас, се во постојана кампања.

Црквата е надпартиска.Уште повеќе затоа што Црквата се занимава со највисоки и стабилни вредности, а политиката со привремени, речиси моментални. А таа, политиката, не е веродостојна и нејзиниот највисок интерес најчесто е профитот и за реализирање на истиот често ги менува ставовите, позициите, ориентацијата.

Црквата, односно верата, е приврзана кон трајно стабилни вредности и начела, на кои гледа како на скапоцености, и следствено, нормално би било политиката да се ориентира во согласност со таа стабилност, и нејзините вредности да и’ бидат компас затоа што претставуваат возвишен духовен и етички кодекс.

Св. ап. Павле вели: „Мудрост, пак проповедаме меѓу совршените, но не мудрост од овој век, ниту, пак, онаа на преодните господари од овој свет, туку ја проповедаме Божјата премудрост …“(1Кор. 2:6-7).

Затоа се вели „во светот, ама не од светот“! Следствено, власта и политичарите, во духот на демократијата, не само што не треба да се лутат и да вршат притисоци со цел замолчување, на било кого, туку треба да бидат благодарни поради корективните критики.

Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.