Заврши амадманската расправа околу ребалансот за буџетот на новата Влада. Само 62 од 840 амандмани беа разгледани во текот на 10 работни денови на Комисијата за буџет и финансирање и ниту еден од предложените амадмани од ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА не беше прифатен од новото владино мнозинство, што претставува преседан во плурална Македонија.
Новата Влада немаше слух за барањата на пратениците од Прилеп и пелагонискиот регион и нивните барања за подобар живот на граѓаните од овој дел на Македонија.
Амадманите кои овие пратеници ги поднесоа за реконструкција и обновување на работничкиот универзитет “Пере Тошев” во Прилеп, средства за доопремување на градската болница во Прилеп, потоа за реконструкција на старата градска чаршија, за изградба на канализација во населените места Воѓани и Бела Црква, рехабилитација на регионалниот пат Прилеп-Топола-Битола, дозавршување на канализациониот систем во Мало Коњари, реконструкција на спортската сала “Македонија” во Прилеп, реконструкција на санитарните јазли во ООУ “Гоце Делчев”, изградба на училишни сали во основните училишта “Кире Гаврилоски”, “Кочо Рацин” и “Блаже Конески” во Прилеп, изградба на обиколница околу Крушево, набавка на инвентар во градинката во ООУ “Рампо Левката”, средства за реконструкција на старскиот дом во Прилеп, изградба на крстосница кај технолошко-индустриската зона Алинци, реновирање на стариот објект во економското средно училиште “Кузман Јосифоски”-Питу, средства за дограма во гимназијата “Мирче Ацев”, изградба на нова детска градинка во близина на Тутунскиот комбинат во Прилеп, не наидоа на разбирање, а дел од нив не се ни најдоа на дневен ред, поради одолговлекувањето на амадманската расправа од страна на пратениците на СДСМ.
Разочарувањето кај прилепчани е огромно, ако се има во предвид тоа дека овие проекти се од витално значење за градот под Марковите Кули и населените места. Разочарување има и кај земјоделците, кои не ги добија ветените покачувања за субвенциите, зелената нафта и низата други погодности, кои првите луѓе на новата влада ги ветуваа пред нив во предизборната кампања.
Наместо тоа новиот министер, кој е сограѓанин на прилепчани, речиси од првиот ден ја стопираше изградбата на патот Прилеп – Градско, експресен пат кој го започна претходната влада и пат кој требаше да значи економско издигнување на Прилеп, како и побрзо, побезбедно и поефикасно поврзување на градот. Шпанската компанија која гради на многу локации во светот, ја згрешила трасата, беше објаснувањето од Министерството за транспорт и врски.
Покрај тоа, по медиумите и низ социјалните мрежи се повеќе се шири информацијата дека во Прилеп ќе се градат 14 нови згради за вдомување на бегалци. Оваа информација уште повеќе го зголеми гневот кај граѓаните и предизвика низа реакции. Според информациите одбрана е и локацијата за овие станови и истите ќе бидат сместени во близина на касарната “Мирче Ацев”. Прилепчани веќе еднаш го одбраниле овој простор на почетокот на 90-тите години, кога тогашната влада предводена од Бранко Црвенковски, имала намера во касарните во Прилеп, да насели 3300 босански бегалци.
Во тоа време 15.000 прилепчани масовно протестирале да се спречи таа намера и успеале во тоа.
Сето ова говори само едно. Оваа влада на СДСМ, како и секоја претходна, нема намера да го развива овој регион. Токму СДСМ во минатото најмногу го опустоши Прилеп, кога во периодот на транзицијата илјадници останаа без работа, а голем број гиганти од индустријата беа затворени. Денес кога градот го доживува својот процут, кога покрај инфраструктурно почна и економски да се издигнува, повторно му се готви истото сценарио.
А/Г/