Tajниот “киpивџиcки jaзик” на прилепските мyзичapи: Се yпотpeбувал за никoj да не ги paзбepe што мyaбетат на cвадба

Аналлија гник, аналлија чучек, аналија дис. Или на македонски, жената има бујни гpaди и напрчен задник. Баламурката е картовџика – мераклија за ceкc.

Тоа е терминологија на дел од прилепските музичари што тие ја викаат киривџиски јазик. Постарите прилепски чалгаџии уште користат стотина зборови и ги чуваат како амалија од старите музички мајстори Палилулевци – Шиндевци и Тутунџиовци. Велат дека јазикот го употребуваат никој да не ги сети што муабетат во меѓусебниот говор на свадби.

Руското е најстар киривџија

Благоја Челоски – Руското е еден од доајените на кафеанската свирка. Со 80 години не тегни на струните на гитарата. Но, и јазикот на чалгаџиите не го заборавил. Уште добро го владее киривџискиот ,,дијелакт,, што го научил од неговите музички учители во 60 годишниот чалгаџиски стаж по кафеаните. Вели дека тоа е наследство на мајсторите на музиката Шиндевци и останатите киривџии.

– Кирис е музика. Го начив по неколкуте први свирки. Сакав неќев, беше нужно да се разбирам со колегите. Не може да не се совладаат зборовите на чалгаџиите кога, од дете, катаден бев во друштво со музичари. Тие се уметници полни со дух. Не сакаат секогаш да ги разбери средината или да им го чуе зборот. Сакаат да бидат таинствени во зброт. Кога обичен свет во близина ќе го чуе ,,музичкиот,, муабет, се чудат, оти не разбира. Малку љубоморно и самобендисано, киривџискиот збор го пренсовме единствено во нашиот еснаф – вели Челоски.

Не знае точно кој го создал. Вели дека е речник на музичарите, кои се чувствуваат привилегирани, оти муабетот им е мистериозен. Сепак, открива нешто.

– Велиме ,,еве го гнико, иди и балумори да прават карто,,. Тоа значи момчето и девојката ќе водат љубов. Невеста се вика борија, а зетот, мандакот. Ајанасас е недобар. ,,Слабо чакато,, е малку пари. ,,Боријата убава – баламуро ајнасас,,. Невестата арна, а момчето не го бива. ,,Баламуро ја носи боријата во седмиот месец на копање,,. ,,Врталото дојде на чакмак,,. Тоа значи дека е време е за фајрон – пренесува дел од музичарската терминологија Челоски.

63 годишниот хармоникаш Горан Паскоски – Паскалот од дете минал низ кафеанска и чалгаџиската школа. Колегите велат дека тој највешто зборува, иако не се сеќава од каде го научил киривџискиот јазик.

– Јазикот е мешавина од ромски, грчки, влашки и турски јазик. Го користеле свирачите на свадби да не ги разберат останатите кога сакале да скријат некаков муабет. За убава жена, велиме ,,аналлија гник,, а дека оброците на свадба се добри ,,абисот аналлија,,. Пијачката е ,,капис,,. ,,Баламурот дида,,. Тоа значи момчето е откачено. ,,Татовџија,, е газда на свадбата. ,,Не прај гила,, – не пуштај глас. ,,Да праиме соис,, е да спиеме или да се подготвиме за фајронт. ,,Аналлија гнико, убав дис, убав чучек,, Тоа е убава девојка со добар задник и бујни гради. ,,Ашландисај ми една сиписија,, – дај ми една цигара. ,,Гникот се прај карто, картовџија е,, – девојката е меркалија за секс. ,,Баламуро капивџија,, – момчето е пијаница. ,,Белопис,, е ракија, а ,,парнопис,, е пиво. Виното е ,,калопис,,. ,,Аврало,, е будало дете, а ,,не чактисува,, значи не разбира. ,,Каис,, или ,,трандис,, е голема нужда – вели Паскоски, кој повеќе од 40 години прави кирис (музика).

Етнологот Сашо Цветкоски вели дека киривџискиот е јазик на прилепската чаршија и музикантите.

– Мајсторите, калфите, чираците и сеирџиите по дуќаните го употребувале кога се мајтапеле, правеле чешитлаци со мрсни, непристојни зборови. Се зборувало затскриено, особено кого врвела некоја арна мома низ сокаците. Уште во Прилеп се зборува за Апле и Гарбе, берберите – свирачи на хармоника и прим – кои го владееле тк-м-тк киривџискиот јазик. Дење стрижеле и бричеле, а ноќе биле дел од чалгаџиските тајфи. Киравџискиот збор се пренел од берберниците во анџилниците, гостилниците, а потоа и во кафеаните – вели Цветкоски.

Некои велат дека киривџискиот јазик е муабет на прилепските боеми. Тие ги поставиле темелите во разговорите меѓу свирачите и девојките во кафеаните.

Свирка на гробишта

Паскоски објаснува дека во кичевско имало адет, пред свадба, да се однесат чалгаџиите на гробишта, да засвират некоја песна.

– Обичај е пред да почни свадбата, блиските ги посетуваат гробиштата на своите со музика и со пијачка. Тоа значи дека се кани и покојникот на радоста што следува, на свадбата, со свирка на гроб. Се свират народни песни. Блиските нарачуваат да ја отсвириме песната што му лежела на душа на покојникот – вели Паскоски.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.