Maкедониja во жолта aлepтна фаза: Ова се пpeпоpaките за да се заштитите од жешкото вpeме

Според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, Министерството за здравство информира дека во текот на следниве два дена (денеска – четврток и утре – петок), целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза.

Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, потребно е да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, како што се:

– Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка;

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор;

– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна;

– Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци;

– При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри;

На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.

Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.