Koнечно се наѕира крајот! Детската градинка “БАЈКА” во населбата “Точила” во Прилеп наскоро ќе стане втор дом за 218 дечиња

Му се наѕира крајот на долгогодишниот проблем со недостатокот од градинки за предшколските деца во Прилеп. Огромните листи на чекање чиј број на запишани деца со години не се менува и речиси секогаш е над 250 дечиња, најверојатно веќе од март ќе станат минато – oбјави “АЛФА ТВ”

Со изградбата на новата Детска градинка „Бајка“ за 218 деца, младите родители ќе можат да здивнат. Градежните работи, како и опремувањето се комплетно завршени, и во моментов тече огласот за вработување на потребниот кадар од 32 лица, по што Градинката ќе биде ставена во функција, уверуваат од ЈОУДГ „Наша иднина“.

„Огласот е објавeн за 32 лица од кои што има за воспитувачи, негователи, психолог и помошно-технички персонал….Распишан беше Огласот на 31 декември и излезе во дневни весници. Сега течат роковите и очекувам негде, најмногу за две недели, да се заврши постапката“, – ни рече Христина Трпческа, директор на ЈОУДГ „Наша иднина“, Прилеп.

Новата прилепска градинка се градеше неколку години и според својот капацитет е втора по големина во земјава. Првично беше проектирана за 252 деца, но поради детектираните пропусти, што на некој начин го пролонгира и нејзиното пуштање, извршена е нужна преадаптација на просторот и намалување на капацитетот за дваесетина деца.

„Во објектот има 11 занимални во кои што ќе бидат згрижени деца од 9 месеци до поаѓање во училиште….Две од занималните не можат да се употребуваат за престој на деца, имало недостаток во проектирањето на објектот и двете занимални се без вц- шољи во санитарните јазли. А според Правилникот за стандардите за детски градинки, не можат да бидат употребувани како занимални за престој на деца“, објаснува Трпческа.

Инаку, Детската градинка „Бајка“ започна да се гради уште во април 2021 година. Вредноста на овој проект изнесува околу 2 милиони евра. Објектот се простира на површина од 5.030 метри квадратни и е со призмје и кат каде се сместени занималните и детските јассли. Има централно подно греење, фотоволтаици на зелениот покрив и ги задоволува сите современи европски стандарди.

Каролина Дурло




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.