дома блог страница 91

По пауза од 31 година: Во Битола денес ќе се игра меѓународен фудбалски натпревар (ВИДЕО)

Попладне во Битола, по пауза од 31 година, повторно ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар на кој ќе настапат младинските репрезентации на Македонија и Италија.

Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија професионално и во зададените рокови го реновираа стадионот „Петар Милошевски“ за играње меѓународен натпревар од високо ниво, а потврда добија и од специјална инспекција на УЕФА која додели лиценца за фудбалски натпревари на клупско и репрезентативно ниво.

Средбата меѓу репрезентациите на Македонија и Италија, фудбалери на возраст до 21 година е закажана за 18:15 часот, а најголем дел од влезниците се продадени. На публиката ќе и биде овозможено следење на натпреварот од целосно обновени трибини, а за новинарите подготвени е посебен медиумски центар. Вложувањата и интервенциите во стадионот претставуваат значаен чекор за развојот на фудбалската игра во градот и регионот, посочија од Општина Битола во пресрет на попладневниот натпревар за кој обезбедено е и осветлување.

Последен пат меѓународен фудбалски натпревар беше одигран во 1994 година кога во Битола гостуваше младинската фудбалска репрезентација на Шпанија.

Жална Македонија! Му го запалил глисерот на брат му, а пожарот зафатил зграда и автомобил

На 09.09.2025 во 03:00 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода З.С.(52) од Охрид.

Тој се сомничи дека околу 02:33 часот во дворно место на ул.„Даме Груев“ во Охрид предизвикал пожар на глисер, кој се проширил и зафатил дел од зграда и патничко возило „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, кои се сопственост на неговиот брат Ј.С.(45) од Охрид. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид.

З.С. бил задржан во полициска станица и во службен разговор го признал делото. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Во битолско се произведува оригинално ПЕКОРИНО, зрее цела година и има неверојатен вкус, а оваа сабота ќе може да се проба во Прилеп (ВИДЕО)

Во сабота, 13.09., на платото пред Градскиот Саат во Прилеп, ќе се одржи седмото издание на Фестивалот “Mлеко”. Oва е четврти пат на фестивалот во Прилеп, а прилепчани и гостите во градот под Марковите Кули, ќе имаат можност да си купат и да дегустираат голем број органски производи, произведени од вредните раце на македонските земјоделци и производители.

Во пресрет на фестивалот ви презентираме дел од учесниците, чии производи ќе бидат изложени и понудени на штандовите во центарот на Прилеп.

Од живописното битолско село Трново, под падините на Пелистер, ни доаѓаат производите од “МАНДРА ПЕЛИСТЕРСКИ ОВЧИ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ”. Овие вкусни млечни производи се плод од макотрпната работа со околу 300 овци, чие млеко е основата на врвните производи на мандрата Пелистерски овчи производи.

Тука традицијата се спојува со модерните знаења, кои се стекнати во Грција и Италија – земји познати по своите сирења. Во мандрата се произведуваат четири вида сирење: бело, биено, кашкавал и пекорино. Секој вид има свој „тертип“ – прецизен процес на зреење и нега. На пример, пекориното зрее цели 8 месеци, потоа се вакумира и продолжува да зрее уште 4 месеци за да добие длабок, богат вкус. Кашкавалот пак, зрее 3 месеци пред да биде подготвен за консумација.

ВИДЕО ПРОДУКЦИЈА: “РАДИО ПЕЛА”

На Градски денеска Победа – Башкими, натпревар од Купот на Македонија

Денеска со почеток од 15:30часот, на градскиот стадион “Гоце Делчев”, Победа ја пречекува екипата на Башкими од Куманово, во рамки од 16-тина финалето од Купот на Македонија.

По тешкиот пораз од 5:0 на гостувањето кај Преспа викендов, црвено-белите ќе треба да покажат карактер и помогнати од новите засилувања да се изборат за поволен резултат пред своја публика.

Башкими е прволигаш и со сигурност ќе сака триумф во Прилеп. Наше е да ги поддржиме победашите во што поголем број и во овие тешки денови за клубот да им дадеме максимална поддршка.

Николоски: Следната година ќе се вози по првите 17км од автопатот Прилеп-Битола

Имаме одлично силна градежна активност насекаде низ државата. Го пуштивме во сообраќај и вториот дел од автопатот Кичево-Охрид, во должина од 17 километри на потегот од Климештани до Охрид, со силна динамика работиме и на изградба на автопатиштата од Тетово до Гостивар и од Гостивар до Букојчани. Очекувам првиот дел од автопатот од Прилеп до Битола да го пуштиме во сообраќај веќе следната година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој на сите проекти се работи со силна динамика и резултатите се видливи каде за два месеци се пуштени 34 километри за сообраќај.

– Сега го пуштивме делот од Климештани до Охрид и со поврзувањето до аеродромот Св. Апостол Павле и исклучокот за Струга во должина од 17 км, веќе 34 км на автопатот се користат. Останатите 22 км очекуваме сукцесивно да ги пуштаме од месец октомври до крајот на следната година. За разлика од сега, минатата година се соочивме со проект којшто не постоеше, практично немаше проект – вели тој.

Николоски вели дека на автопатиштата Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани се реализираат со планираната динамика и очекува почетокот на 2029 година да има целосно автопатско и експресно поврзување од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан.

– Обиколница на Крива Паланка ја почнавме, од Крива Паланка до Страцин веќе имаме експресен пат, во моментов со ЕУ преку „Планот за раст“ работиме од Страцин до Куманово исто така на експресен пат. Таму експропријацијата е завршена, сега треба со ЕУ да се договориме за процесот на избор на изведувач. Од Куманово до Скопје има автопат, има и обиколница на Скопје која не е во добра состојба, следната година целосно ќе ја реконструираме. Скопје-Тетово веќе постои автопат, Тетово-Гостивар се гради, Гостивар-Букојчани се гради, Букојчани до Кичево до 30 септември очекуваме понуди, Кичево – Охрид го работиме, така што воопшто не е нереално да очекуваме крај на 2028, почетокот на 2029 година од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан да имаме автопатско односно експресно решение, вели тој.

Николоски најави дека 17 километри од патот Прилеп – Битола ќе бидат пуштени во сообраќај следната година, односно до втората половина на 2027 година целосно да биде завршен тој автопат.

Во однос на автопатот Скопје – Блаце исто така најави дека оваа есен ќе се избере изведувач заедно со Европската банка за обнова и развој со што ќе започне изградбата и на овој автопат.

Се крева победничко Крушево, градот мора да почне да се развива

Бизнисмен, фамилијарен човек и долгогодишен партиски активист – тоа е Нико Чонески. Неговата посветеност и искуство се видливи во секоја улога што ја имал досега: Претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Претседател на Советот на Општина Крушево и многу други позиции кои го потврдуваат како лидер со визија и интегритет.

Нико Чонески е идниот градоначалник на Крушево, така велат анкетите, а така велат и крушевчани.

Откако партијата ја објави неговата кандидатура, Чонески добива само поддршка и во само една недела успеа да го обедини околу себе целото членство на партијата.

-Сплотени како никогаш досега, со многу енергија и желба за промена во Крушево, вечерва граѓаните се изјаснија кој ќе биди идниот градоначалник на Крушево! Нико Чонески е вистинскиот избор за Крушево и крушевчани – порачаа синоќа од ОК ВМРО-ДПМНЕ Крушево.

Крушевчани веруваат дека со неговата посветеност и љубов кон родниот крај, Крушево конечно ќе го заземе своето вистинско место – како град на културата, туризмот и гордите традиции, но и како модерен центар на нови можности.

Maкпрогрес: “Ќе ја обновиме фабриката, вработените ќе ги задржиме на работа, а производите ќе останат со ниски и достапни цени”

Менаџментот на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, каде во пожар изгореа два магацина и еден производствен погон, преку соопштение до јавноста им се заблагодарија на сите кои учествувале во гаснењето на пожарот и порачаа дека фабриката ќе биде обновена, а вработените кои физички ги изгубиле работните места, ќе бидат задржани.

– Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа, се наведува во соопштението.

Од компанијата порачуваат дека продажните цени на сите нивни производи ќе ги задржат ниски и достапни за потрошувачите, а дополнително некои цени ќе ги намалат за да поттикнат поголема продажба.

– Заедно со Стопанската комора и сите ланци на маркети ќе направиме напори и ќе дадеме сè од себе да успееме, вработените да ги ангажирани работно со цел да ги задржиме работните места. На сите клиенти и потрошувачи им благодариме однапред за сета поддршка и солидарност. Солидарноста која ја видовме вчера и денес уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко, се вели во соопштението.

Во пожарот целосно изгоре еден производствен погон со три автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички и два магацина од кои еден за суровини и еден за готови производи.

– Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот во текот на целата ноќ. За жал, во текот на интервенцијата 12 лица беа хоспитализирани – 3 пожарникари и 9 наши вработени. Од нив, 8 вдишале чад, а 4 се со полесни изгореници. Денеска тим од Макпрогрес ги посети хоспитализираните во болниците во Кочани и Скопје и им посака брзо закрепнување. На сите сили кои учествуваа во справувањето и гасењето на пожарот им упатуваме огромна благодарност за нивната храброст и пожртвуваност, велат од менаџментот на Макпрогрес од Виница.

Во две недели младите битолчани по втор пат го преслушаа Прилеп, и пак пред домашна публика

Фото/ФБ/РК Прилеп

После финалето на Меморијалниот турнир “Миле Нешкоски” кој се одигра пред две недели, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2, по втор пат ги преслушаа прилепчани, овојпат во рамки на првото коло од Супер лигата.

Гостите од Битола славеа со 29:32, на големо разочарување на вљубениците во ракометот од Прилеп, кои веруваат дека оваа сезона нивните миленици би требало да се борат за влез во топ 6, и повторно после подолго време да заиграат во плеј-оф.

Но, Прилеп и покрај засилувањата не успеа да им парира на битолчани, па шансата за влез во горниот дел од табелата ќе треба да ја бара со другите противници.

За потсетување РК Прилеп во пресрет на сезоната во своите редови ги донесе:

Димитар Димитриоски (Ваљадолид), Сандро Дарсанија (Белененсес) и Божидар Лековиќ

Клубот го напуштија: Давид Трајкоски (Алкалоид), Никола Цветаноски (Ајдошвчина), Ангелче Органџиев, Левани Имнадзе, Стефан Лозаноски (Аминтас), Христи Бикоски (Вардар Неготино)

Македонија го живее МУНДИЈАЛСКИОТ СОН – Еве што не’ чека до крајот на квалификациите

Фото/ФФМ

Македонската фудбалска репрезентација ја запиша својата трета победа во квалификациите за Светското првенство, и тоа повторно против Лихтенштајн – овојпат на домашен терен во Скопје со убедливи 5-0. Ова е највисоката победа на избраниците на селекторот Благоја Милевски во досегашниот циклус, со што тимот повторно се искачи на врвот на табелата во групата. Таму ќе остане барем до октомври, кога следи големото дерби против Белгија.

Форматот на квалификациите предвидува директен пласман на Светското првенство само за првопласираната селекција, додека второто место носи учество во бараж. Со три преостанати натпревари до крајот, Македонија има одлична позиција и реални шанси да се вмеша во борбата за самиот врв.

На 10 октомври нашата репрезентација ќе и гостува на Белгија, најголемиот фаворит во групата, која во септемвриските средби забележа убедливи победи од по 6-0. Во Скопје одигравме реми 1-1 и покажавме дека можеме да им парираме, а останува да се види дали слично издание може да се повтори и на гостински терен во Гент. Секој позитивен исход би ги зголемил шансите за пласман, но ќе мора да се потврди со триумф над Казахстан на 13 октомври во Скопје.

Ако, пак, не дојде до изненадување против Белгијците, тогаш клучен натпревар за второто место ќе биде гостувањето кај Велс на 18 ноември – покрај тоа што важен ќе биде и резултатот од нивниот дуел со Белгија на 13 октомври. Групата останува неизвесна, а Македонија веќе покажа дека може да се носи со селекции кои важат за фаворити. Колку тоа ќе биде доволно за конечен успех – ќе дознаеме во месеците што следат.

Распоред на натпревари во нашата група:

Октомври

Белгија – Македонија
Македонија – Казахстан
Велс – Белгија

Ноември

Казахстан – Белгија
Лихтенштајн – Велс
Белгија – Лихтенштајн
Велс – Македонија

Победа доби “петарда” на гостувањето кај Преспа

Новиот второлигаш ФК Преспа и’ одржа фудбалска лекција на прилепска Победа во рамките на третото коло од Втората фудбалска лига.

Домаќините славеа со 5:0 со хет-трик на Давид Карамачоски (35, 36, и 82мин), а погодуваа и Нико Плаштиновски во 77. и Амир Фејзулаи во 65. минута.

Додека за Преспа ова беше прв триумф во новото друштво, за Победа беше втор пораз на стартот од сезоната. Прилепчани имаат само еден бод, но очекувањата се новите засилувања да се разиграат во наредните натпревари и да донесат свежина и позитивни резултати.

Утре (вторник) од 15.30 часот е мечот за 16-финалето од Купот, Победа – Башкими (Куманово), а во сабота од 15.30 часот дуелот од 4. коло на Втората лига, Победа – Охрид.