дома блог страница 6

Вишнемаалци утре ќе го прослават големиот христијански празник Св. Ѓорѓија кај маалскиот параклис, кој доби покрив во форма на крст (ФОТО)

Како и секоја година, и оваа, жителите на населбата “Вишне” од Прилеп, одново ќе се соберат околу маалскиот параклис посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносецоносец и ќе го одбележат големиот христијански празник.

Секоја година за овој ден, голем број жители од оваа населба, но и од целиот град доаѓаат и заедно празнуваат.

Така ќе биде и утре на празникот, а оваа година параклисот е подновен со покрив во форма на крст. Покривот е дело на ентузијасти од иницијативниот одбор, кои со овој потег му дадоа нов лик на ова осветено место и секако го заштитија од природните непогоди.

Секоја чест!

Срце како планина! 7-години Дарио од Прилеп ја растеше косата, а сега ја скрати и ќе ја донира за благородна цел

Дарио Стојаноски  е 7-годишно момче од Прилеп кое со неговиот голем и хуман потег покажа дека детското срце е најчисто и секогаш исполнето со голема љубов.

Малата Дарио е поголем од секој возрасен човек и е вистински светол пример дека во ова општество на поделби, се’ уште има верба и добрина која треба сите да ја следиме.

Дарио решил да ја скрати неговата коса која ја растел цели седум години, и да ја донира до холандската организација “Haarwensen”, која изработува перики за деца болни од paк.

Со поддршка од семејството за големиот хуман гест, Дарио ја скратил косата и ја сплетил во плетенка, а сега истата патува до Холандија.

Тој е многу среќен  што со својот потег ќе израдува некое детско срце. Се надева дека неговиот пример ќе биде поттик и за  други деца да ги растат косите и да ги донираат на оние на кои им е најпотребно.

Браво Дарио! Твоите родители има со што да се гордеат!

Десетто јубилејно издание на Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп

Во културна средина често фокусирана околу главниот град, Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп, претставува редок и значаен пример за тоа како уметноста може да создаде нови гравитациски точки во внатрешноста на државата. Основан со јасна визија – да му ја врати на Прилеп и неговата публика навиката на активно културно живеење – Фестивалот денес е препознаен како најпосветениот македонски концептуален простор на краткиот филм, и меѓу ретките што успеваат да изградат препознатлив интернационален идентитет. Од своите почетоци, Winter Apricots го застапува ставот дека краткиот филм не е „мал филм“, туку комплетна кинематографска форма со авторски интегритет. Со отворање кон сите жанрови и естетики, Фестивалот станува место каде што авторите ја користат кондензираната форма за да создадат силни и прецизно артикулирани визуелни идеи.

Во годините зад себе, Фестивалот селектирал филмови од пет континенти, создавајќи програма што ја следи современата краткометражна продукција и нејзините нови јазични и тематски насоки. Со тоа, Winter Apricots ја исполнува својата примарна мисија за поддршка на авторското размислување, да промовира нови перспективи и да создаде сцена што ја поттикнува сензибилноста на младата филмска публика.

Фестивалот е организиран во три натпреварувачки целини – Интернационална, Балканска и Македонска селекција – со јасно дефинирани критериуми за уметничка и техничка извонредност. Наградите за најдобар филм, концепт, кинематографија, звук како и наградата на публиката во македонската селекција, создаваат рамка во која кандидатите добиваат професионална видливост и влез на пошироки европски и светски фестивали.

Вградувајќи ги постојано меѓународните стандарди во локалниот контекст, Winter Apricots создава од/во Прилеп регионална точка на современа култура, нешто што во македонскиот културен простор е вистинскареткост. Така, Кајсиите имаат суштинско значење за културниот развој на Прилеп, град кој долги години немаше континуирани уметнички платформи со меѓународен досег.

Една од највпечатливите вредности на Winter Apricots е неговата скромна, интимна, но исклучително внимателна организација. Овој модел — неагресивен, ненаметлив, но со длабока уметничка посветеност — е препознатлив и во селекцијата на филмовите, и во комуникацијата со публиката, и во неговиот визуелен идентитет. Фестивалот, растејќи веќе 10 години, никогаш не го напушти она што го прави посебен: искрената верба дека културата може да се гради од љубов, од упорност и од заедништво. Во време кога сликите се конзумираат пребрзо, а вниманието се дроби, овој фестивал нуди простор за фокус, за размислување и за уметничка прецизност. Неговото постоење во Прилеп покажува дека уметноста е одржлива, потребна и длабоко трансформативна — без разлика каде се случува.

Јубилејното 10-то издание, кое ќе се одржи во кино „Мис Стон“ и во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“, од 10 до 13 ти декември, потврдува дека Winter Apricots одамна ја надмина улогата на класичен филмски фестивал. Најавената програма опфаќа: фотографски изложби, промоции на книги и трибини, концерти и музички перформанси, програма на танцови филмови што традиционално го отвора фестивалот (во соработка со Augenblick колективот), како и специфични хибридни формати на уметничка соработка. Вака организиран, фестивалот функционира како интердисциплинарен културен мост, создавајќи средина каде што филмот, литературата, музиката и визуелната уметност не се паралелни патеки, туку точки на пресек.

Овогодишното интернационало жири го сочинуваат тројца истакнати професионалци чија работа опфаќа значајни достигнувања во полето на филмот и визуелните уметности. Мартина Аригони, филмска режисерка, сценаристка и уметница од Милано, се истакнува со својата комбинирана практика во режија, монтажа, фотографија и критичко пишување, со учество на реномирани европски фестивали и развој на филмски проекти поддржани од водечки институции. Јелена Иванчевиќ, сценографка и дизајнерка на сет, делува во рамките на филмската и театарската продукција во Црна Гора и Србија, со значаен опус во независната и ангажираната уметност, како и учество на престижни архитектонски и сценографски платформи, вклучително и Венециското биенале. Георги М. Унковски, автор со интернационално признание и силно присуство на македонската филмска сцена, чиј најнов долгометражен филм „Диџеј Ахмед“ е наградуван на фестивали ширум светот.

Ова издание на фестивалот за првпат се отвора со изложба – внимателно избрана колекција на аналогни фотографии од Јордан Звездоски. Преку интимни визури од руралната околина на Прилеп, авторот ги претвора секојдневните сцени во визуелни фрагменти исполнети со меморија, балансирајќи помеѓу минатото и современиот ритам

Литературната компонента е застапена преку промоции на книги и трибини, вклучувајќи ја книгата „Годините“ на нобеловката Ани Ерно, во присуство на издавачката Катерина Шекутковска (Илика) и преведувачката Андријана Папиќ Манчева, „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски, како и трибината „Синелитера“, посветена на пресекот меѓу филмот и литературата и на нивниот дијалог во современиот културен контекст.

Филмската програма, поделена на Македонска, Балканска и Интернационална селекција, прикажува краткометражни дела кои ја истражуваат современата визуелна естетика, наративната концентрација и темите на современиот свет. Селектираните дела се одбрани од 760 пријавени филмови од 77 држави. Танцовите филмови традиционално го отвораат фестивалот, додавајќи динамика и експериментален визуелен израз.

Музичката програма вклучува настап на Мухамед Ибрахими, мултиинструменталист кој ја спојува ориенталната музика, балканскиот фолклор и современите стилови, создавајќи храбра и неочекувана атмосфера, како и футуристичкиот аудиовизуелен проект ИСКРА, кој преку синт-звуци и интригантни анимации ја потопува публиката во хипнотизирачки свет на футуристичко Скопје.

Со ова, 10-то издание на Winter Apricots ја потврдува својата улога како интегриран културен настан, кој ја спојува кинематографијата, музиката, литературата, танцот и визуелната уметност, создавајќи мултисензорен дијалог и збогатувајќи го културниот живот на Прилеп и на Македонија.

*напишано од тимот на Winter Apricots

ПРОГРАМА НА WINTER APRICOTS 2025

СРЕДА 10, СЦЕНА 105, НУЦК „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“

18:30 – 19:30
„НЕУРБАНИЗИРАНИ АРТЕФАКТИ“, ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ОД ЈОРДАН ЗВЕЗДОСКИ

20:00 – 21:30
„ГОДИНИТЕ“ ОД АНИ ЕРНО, ПРОМОЦИЈА НА КНИГА

ЧЕТВРТОК 11, КИНО МИС СТОН

19:00 – 20:00
„STORIES WE DANCE“, ПРОЕКЦИЈА НА ТАНЦОВИ ФИЛМОВИ

21:00 – 22:30
КОНЦЕРТ НА МУХАМЕД ИБРАХИМИ, ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ
ПЕТОК 12, КИНО МИС СТОН

18:00 – 20:00
БАЛКАНСКА СЕЛЕКЦИЈА, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

20:30 – 22:30
ИНТЕРНАЦИОНАЛНА СЕЛЕКЦИЈА I, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

САБОТА 13, КИНО МИС СТОН

12:00 – 15:00

„КАЛИГРАФИ НА ФИЛМСКОТО ПИСМО“ ОД ВЛАТКО ГАЛЕВСКИ, ПРОМОЦИЈА НА КНИГА И ТРИБИНА

18:00 – 19:30
НАЦИОНАЛНА СЕЛЕКЦИЈА, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

20:00 – 22:00
ИНТЕРНАЦИОНАЛНА СЕЛЕКЦИЈА II, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

22:30 – 00:00
КОНЦЕРТ НА ИСКРА, ЗАТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

Девојки од Прилеп собраа грст медали во борење од силниот Меѓународен турнир “Победник 2025” во Белград

Прилепските борачки од “7. мај”, повторно ја претставија Македонија во најдобро светло, oвојпат на силниот Меѓународен турнир „Победник 2025“ во Белград!

Со огромна волја, дисциплина и борбен дух, девојките успеаја да стигнат до високи пласмани во конкуренција со најдобрите млади борачки од регионот. На овој турнир, кој важи за еден од најреномираните во својата категорија, нашите претставнички покажаа зрелост, техника и карактер, достоинствени за вистински шампионки.

Остварени резултати:

Анастасија Карапејовска – У14 / 50 кг — 3-то место
Младата Анастасија уште еднаш докажа дека иднината е пред неа. Борбена до последна секунда, со огромна желба за успех.

Јована Мидовска – У15 / 62 кг — 1-во место
Доминирачка изведба! Јована ја освои целата категорија со убедливи победи и испиша златни страници за клубот.

Викторија Стојаноска – У17 / 54 кг — 2-ро место
Со стабилни настапи и голема техничка прецизност, Викторија сосема заслужено стигна до сребро.

Ангела Трајкоска – У17 / 57 кг — 1-во место
Ангела уште еднаш го потврди статусот на една од најперспективните натпреварувачки — беспрекорни борби и заслужено злато.

Тамара Цветкоска – У17 / 62 кг — 1-во место
Тамара со одлична тактика, смиреност и одлучност ја освои својата категорија и гордо се качи на врвот.

Марија Велјаноска – У23 / 50 кг — 3-то место
Искусната Марија одигра цврсти борби и ја потврди својата константност со нова медаља.

-Сите овие успеси не се случајни — тие се резултат на напорна работа, пожртвуваност и посветеност. Нашите девојки беа предводени од тренерот Душко Стојаноски, кој со своето искуство и професионализам стои зад нивниот континуиран напредок – велат од прилепскиот боречки клуб “7-ми Мај”.

Честитки за девојките, за луѓето во клубот кои пожртвувано работат со нив и желби за уште поголеми успеси!

Денеска се празнува Св. Климент Охридски, најистакнатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј

Македонија денес го чествува св. Климент Охридски, најистакнатиот ученик на солунските браќа св. Кирил и Методиј и учесник во извршувањето на познатата Моравска мисија.

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 ноември.

Денеска е Св. Климент Охридски – Чудотворец.

Свети Климент се роди во Рим, а потекнуваше од царски род. Во младоста отпатува на Исток, каде што се запозна со верата во Христос. Учители му беа самите апостоли.

По враќањето во Рим беше избран за епископ во престолниот град. Подоцна, во времето на императорот Трајан, свети Климент беше протеран во Херсон, каде беше осуден на смрт и фрлен в море со камен околу вратот. Пострада за Христа во 101 година. Своевремено, неговите мошти ги пронајдоа светите браќа Кирил и Методиј и ги пренесоа во Рим.

Свети Климент Охридски го носеше своето име по углед на овој голем Христов светилник.

Свети Климент Охридски, родоначалник на словенската литература и црковно беседништво, прв оригинален словенски и македонски поет, говорник, преведувач, заштитник на Охрид бил назначен за прв словенски епископ на Балканот.

Овој ден е прогласен за Ден на свети Климент Охридски, патронен празник на Македонската православна црква. Во негова чест, во Република Македонија се доделува секоја година наградата „Св. Климент Охридски“ со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот и заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Свети Климент е основач на познатата Охридска книжевна школа која е наречена уште и прв словенски универзитет, каде што се образувале над 3 500 ученици. Паралелно со црковната и со педагошката дејност се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишува авторството на опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа.

Без закажување термин до најубавите новогодишни фотографии! Дедо Мраз и оваа година ги чека вашите најмали во “ФОТО ДАНО”

Во “ФОТО ДАНО” и оваа година царува вистинска снежна бајка, која посебно ќе ги израдува најмалите. За фотографиите и квалитетот на услугата да не правиме збор – “ФОТО ДАНО” со години се меѓу најдобрите и знаат само за задоволни муштерии.

И оваа година ФОТО ДАНО ви нуди фотографирање со Дедо Мраз без закажување на термин, и тоа: секој работен ден од 12:00 до 20:00часот, а во саботите од 10:00 до 15:00часот.

Сите фотографии ги добивате електронски, а три фотографии по ваш избор во хартиена форма со димензии 13×18.

Цената одговара за сечиј џеб и чини само 400 денари. Започнуваат од 15.12.

Ќе ги најдете на улица “11-Октомври” – во новата зграда “Табана”. Вашиот семеен албум дополнете го со прекрасни новогодишни фотографии изработени од професионалци.

Уште еден прилепчанец на ѕидот на срамот на МВР: Фатен како вози пијан на ул. “Кеј 19 Септември”

-На 06.12.2025 на ул. „Кеј 19 Септември” во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Г.В.(52) од Прилеп. При вршење на сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „ланд ровер” со прилепски регистарски ознаки, при што било констатирано дека тој го управувал возилото под дејство на алкохол, односно измерени биле 1,59 промили алкохол во крвта – информираат од МВР.

“Нотите на животот” – документарен филм за момчето со ангелски глас од Прилеп (ВИДЕО)

Ученици од СОЕПТУ “Кузман Јосифоски-Питу” Прилеп, заедно со нивните ментори, направија прекрасен краткометражен документарен филм за нашиот талентиран сограѓанин, а нивни поранешен ученик, Филип Николоски, момчето со ангелски глас и секогаш ведра насмевка.

Ако претходно беше познат за сите во Прилеп, со неговиот најнов хит „Само на добро нека е“, кој го изведе и на јубилејниот концерт на групата “Меморија”, Филип стана популарен во цела Македонија, а неговата песна постојано се врти на радио станиците.

Филмот во продолжение кој е насловен како “Нотите на животот”, беше објавен на 3. декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во неговата реализација учествуваа: специјалниот едукатор Гордана Стојкоска (идеја и сценарио), учениците Петар Јошески и Душко Илиески (камера, монтажа и режија), како и професорките Цеца Видова Трајческа и Весна Миланоска.

Погледнете во продолжение и споделете:

Македонец избран за епископ во Грција

Бранко Миовски, кој во монашкиот живот го носи името Бенедикт, е роден во Скопје во 1989 година. По завршувањето на студиите на Богословскиот факултет при МПЦ-ОА, во 2014 година заминува за Грција, каде што стапува во монашка заедница на старокалендарската традиција.

На 14 јануари 2015 година, во манастирот каде што се подвизува, е замонашен од Архиепископот Калиник, поглаварот на Атинската катедра. Неговата служба подоцна го води и надвор од Европа: во 2018 година како јероѓакон заминува во САД, каде престојува во манастирот на Свети Јован Максимович во Њујорк под духовно раководство на Митрополитот Димитриј, Американски егзарх на оваа црква.

Синодот на Црквата на вистинските православни христијани на Грција, позната и како грчка старокалендарска црква – основана уште во 1935 година како отпор кон воведувањето на новиот календар – на 28 февруари 2024 година го избира Бенедикт за викарен епископ на Митрополитот Димитриј. Неговата титула е поврзана со древната епархија Асторија.

Од март 2024 година тој официјално ја извршува оваа епископска служба.

Извор: religija.mk

Обилните врнежи ја заматија водата во Кавадарци – пред консумирање мора да се преврива

Заматена е водата за пиење во Кавадарци поради обилните дождови, информираaт од јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци. Апелираат до граѓаните водата да се преврива пред употреба.

– Поради обилните дождови на изворите Лукар, известуваме дека водата во градскиот водовод е заматена и пред консумирање потребно е да се преврива. Во корелација со Центарот за јавно здравје Кавадарци, состојбата се следи и дополнително ќе известиме кога ќе се нормализира состојбата со водата, велат од „Комуналец”.