Aгенцијата за млади и спорт најави изградба на затворен базен во Прилеп – бараат од општината локација

Агенцијата за млади и спорт бара од Општина Прилеп и од Општина Велес да се обезбедат локации за затворени базени.

Во дописот кој од Агенцијата го испратиле до градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески стои:

-Агенцијата за млади и спорт го реализира Проектот „Изградба на 14 пливачки базени во РСМ”, каде општина Прилеп е предвидена како дел од истиот.

Согласно планот за развој на спортот и изградбата на спортска инфраструктура во Република Северна Македонија, изработен е Основен проект за изградба на типски затворен пливачки базен со можност за изградба на различни локации на рамен терен. Изградбата на базенот треба да овозможи услови за одржување на настава по пливање, обука на непливачи, тренинг, рекреација и натпревар преку целата година за учениците, спортистите, младите луѓе и граѓаните од општината и пошироко. Објектот е наменет за спортови на вода, првенствено за обука на непливачи, односно обука на ученици од помала возраст, но истовремено овозможува и тренинг на деца и спортисти со понапредни способности во пливањето. Објектот исто така овозможува минимум услови за рекреација на локалното население од сите старосни групи во термини посебно определени за таа намена.

Просторот наменет за овој објект треба да е на слободна локација без градби со планирана рамна конфигурација на теренот, кон кој секојдневно гравитира голем дел од населението од општината. Важен елемент за избор на локацијата е и добриот сообраќаен пристап до објектот и поврзаноста со околните објекти. Сообраќајното решение треба да овозможува лесна комуникација и пристап на интервентни возила. При проектирањето се користени сите стандарди и нормативи за проектирање на ваков вид на објекти. Централната просторија на објектот располага со базенско корито димензионирано за обука на непливачи и тренинг и рекреација на пливачи со димензии од 25 м должина и ширина од минимум 8,80м. Минималната длабочина на базенот е 0,8 м, а максималната 1,4 м. Висината на објектот е оптимално димензионирана со цел да се овозможи најекономично користење. При проектирањето се применети препораките, стандардите и нормативите на светската пливачка Федерација FINA“, се наведува во дописот од Агенцијата за млади и спорт.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.