30 работодавачи од Словенија денеска присутни на саем за вработување во Прилеп – Побрзајте, настанот трае до 17ч.

По успешните настани „Живот и работа во Словенија“, кои Заводот за вработување на Република Словенија ги одржа во Македонијa на почетокот на јуни и во Босна и Херцеговина на крајот на септември, a поради големата побарувачка од страна на словенечките работодавачи, вчера во Скопје, денеска во Прилеп и утре во Битола, се одржуваат настани за вработување.

Настанот во Прилеп започна во 10ч и ќе трае до 17часот во Центарот за култура “Maрко Цепенков”

Присутни се 30 истакнати словенечки работодавачи од цела Словенија, кои нудат добри и стимулативни услови за работа и живот и заедно вработуваат повеќе од 20.000 работници. Најголем дел од нив се од здравствената и социјалната заштита и градежната индустрија, а ќе присуствуваат и работодавачи од области како: производство, транспорт и складирање, технички дејности, угостителство и други.

Настаните за вработување имаат за цел:

– претставување на тековните потреби на истакнатите словенечки работодавци, кои се соочуваат со значителен недостиг на кадар;

– презентација на потребните професии кои се неопходни за реализација на санациските работи по катастрофалните августовски поплави и свлечишта во Словенија и во кои може да се вработат странски работници;

– обезбедување веродостојни информации за условите за живот и работа во нашата држава со цел да се обезбеди соодветна заштита на работниците дел од работната миграција, во што е можно поголема мера.
Во првите десет месеци од годинава, во Словенија се издадени 3.688 согласности за единечна дозвола за престој и работа за државјани на Р. Северна Македонија, што е за 40,3% повеќе од истиот период лани.

Заводот за вработување на Република Словенија, на овие настани ќе обезбеди индивидуално кариерно советување за сите баратели на работа.

Во 12:00 и во 15:00 часот ќе има и специјални презентации за животот и работата во Словенија, каде ќе може да се добијат одговори на прашања поврзани со образовниот систем, признавањето на професионалните квалификации, регулирањето на условите за живот итн.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.