25 години независна Република Македонија – Прв дел: Државотворноста на една партија – „Со ситни души држава не се прави“

slikas

На 8-ми септември оваа 2016 година ја славиме 25-годишнината од независноста на Република Македонија, од третиот Илинден кој беше сон на генерации и генарации на Македонци кои се бореа, а голем дел и ги дадоа своите животи. Четврт век независност стекната низ речиси континуирани борби, во период од неколку векови. Но, и независност во еден турболентен период, исполнет со борба за зацврстување на државноста.

Оваа 25-годишнина е и добар момент да застанеме за кратко и да си го поставиме она прашање – “Што направивме и што треба да направиме понатаму?” Затоа што во овие 25 години во Република Македонија, а и во светот се случија такви настани што уште долго време ќе влијаат врз нашата иднина, но и врз иднината на генерациите после нас.

Овде, на кратко сакам да се потсетам на овие 25 години зад нас, години на големи очекувања и години на непријатни изненадувања. Години на транзиција, на реформи, на зборови за посреќна иднина, на изневерени очекувања. 25 години независна Република Македонија. Значи, прашањето е–Што направивме?

Првo, направивме држава. На референдумот на 08. Септември 1991 година македонскиот народ, недвосмислено, јасно и гласно порача дека Република Македонија ќе биди самостојна, независна и суверена држава.

Второ, откако се удрија темелите на државата, таа почна постепено да се гради. Се создаде, армијата, се воведе нова валута-денар, Република Македонија влезе во светските организации и во светските текови.

Добар дел од овој 25 годишен период Република Македонија беше предводена од една партија која самата себе си се прогласи за „државотворна“.

Првото нешто на што ме асоцира оваа т.н. „државотворна партија“ е една славна изјава: „Со ситни души држава не се прави“, изјави во една прилика самопромовираниот „државник“ и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Но и една друга, уште повпечатлива: „Народот е во право и кога греши“, овој истиот „државник“  ја даде кога го призна поразот од ВМРО ДПМНЕ на изборите во 2011 година.

Во однос на првата изјава „државникот“, веројатно,  имајќи го предвид сопственото искуство во водењето на државните работи, но и увидувајќи како тоа го прават неговите најблиски соработници, беше сосема во право. Додека втората изјава во добар дел го отсликуваат психолошкиот профил на „државникот“. Но, го одразуваат и психолошкиот профил и на една релативно мала група личности кои застанаа зад „државникот“, во годините наназад- т.н „елитата на СДСМ“.

Како функционира „елитата на СДСМ“? Тоа е релативно мала група на политиканти, кои се менуваат на политички и државни функции, од време на време, а кои за себе имаат многу високо мислење ( веројатно повисоко дури и од небото), не трпат критика од никого, а секој друг кој не мисли како нив е или провинцијалец, или неписмен, односно приучен експерт, кој прочитал нешто, па сега им соли памет. (Потешките зборови што ги изнакажаа овие „експерти“, кои беа и кандидати за претседатели овде нема да ги напишам. Не е културно).  Тие се “државотворци”, “елита” што мисли дека води партија, со континуитет од КПМ, што на македонскиот народ му ја дале слободата, независноста, државноста. Тие секогаш се во право, а народот е тој што греши. Па затоа треба да му се докажи на народот дека направил сериозна грешка што ја доверил власта на друга партија, освен нивната.  Тоа е елита која секогаш е во право и никогаш не греши. Па тие имаа и ПАПА за лидер. Нали, папата е непогрешив, тој никогаш не греши, секогаш е во право. Така тие си мислат за себе.

Веројатно и заради нивното „од бога дадено“ право да владеат ,овие самозамислени „државници“ од „државотворната“ партија, тешко ранети во нивните суети од годините поминати во опозиција, последните две години во целост ја демонстрираат својата искомплексираност и го „бомбардираа“  народот со тешките бомби од арсеналот на некоја тајна служба. Тоа, нели треба да ја докаже нивната теза дека народот погрешил во изборот.

Но, каква е државотворноста на СДСМ? Со што всушност СДСМ го задолжи македонскиот народ во годините наназад?

СДСМ произлезе од СКМ-партија што од 1944 година го имаше монополот на власта во Македонија и раководеше со политичкиот, економскиот, културниот, а понекогаш и со личниот живот на Македонците. Кризата во 1980-тите години беше резултат на промаршените политики на оваа партија. Од СКМ произлезе СКМ-ПДП, а потоа партијата се ребрендира во СДСМ. Неочекуваниот пораз на првите повеќепартиски избори во 1990 година, преобразената партија го премости со политичкото неискуство на тогашното лидерство на ВМРО ДПМНЕ и во 1992 година ја формира владата на чело со Бранко Црвенковски, човекот што во наредните години ќе ја одреди судбината на Македонија. И тогаш почнува државнотворноста на оваа партија. Но, што точно направија. Да почнеме со ред, хронолошки:

-1993 година-Македонија го доби „привременото“ име БЈРМ под кое што стана членка на ООН. Името требаше да биде во употреба околу шест месеци. Се употребува до ден денес-23 години,

-1994 година-контраверзни парламентарни и претседателски избори. Тогашната опозиција на чело со ВМРО ДПМНЕ се повлече од вториот круг на изборите и не учестуваше  во работата на Парламентот.

-1995 година-променето е знамето на Република Македонија. Истата година се случи и атентатот на претседателот Киро Глигоров. До ден денес не се разјасни кој е извршителот, а особено кој е нарачателот на ова дело.

-1996 година-донесен е законот за приватизација. Со овој закон се создаде законска можност за спроведување на најконтраверзната приватизација што пак, од своја страна ја уништи економија, но и создаде армија на невработени и огромна сиромаштија во Република Македонија.

-1997 година-девалвација на денарот. Единствена во периодот на независна Македонија.

-1997 година-Аферата ТАТ ја стресе Битола и проголта милионски животни заштеди на голем број граѓани од Битола и околните градови.

-2000 година-после поразот на парламентарните избори во 1998 година, СДСМ се труди да формира ново парламентарно мнозинство што најсериозни шанси добива токму во 2000 година преку манипулирање на Васил Тупурковски и неговата ДА. Обидот неславно завршува. За дадениот гол со пета, пратеникот Амди Бајрам подоцна ќе заврши во затвор.

-2001 година-аферата Големо уво и воениот конфликт, СДСМ максимално ја користи ситуацијата и успева да наметне голема коалиција во која што ќе партиципира. Конечно пак е на власт, ама само за кратко. Но, иако е за кратко, сепак успеваат со своето однесување и со својата политика да станат една од причините за постоењето на т.н. Рамковен договор, со сите последици што до денес ги чувствуваме.

-2002 година-големите лаги кои придонесоа за победата на парламентарните избори-единствена победа на СДСМ на регуларни избори.

-2004 година-под крајно контраверзни и сомнителни услови, во авионска несреќа загинува вториот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Ова е втор напад врз личноста што ја извршува функцијата претседател на Република Македонија во нивно време. Овојпат, за жал со трагични последици.

-2004 година-Довербата на народот во СДСМ за брзо време се троши и лидерот Бранко Црвенковски од жешката премиерска функција, повторно на контраверзен начин бега на помирната претседателска функција. СДСМ за да остани на власт менува уште двајца премиери.

-2005 година-Законот за територијална организација на Република Македонија. Крајно штетен закон за Република Македонија, особено на Македонците, кога под албанска контрола се ставија и чисто македонски територии. Последиците од тоа ги чувствуваме до денес.

На парламентарните избори во 2006 година граѓаните на Република Македонија конечно му ставија крај на деструктивното владеење на СДСМ, a со тоа ставија крај на сите ретроградни и деструктивни процеси што ги поттикна и водеше оваа партија.

Новата владеачка партија, ВМРО ДПМНЕ прими тежок товар во наследство-почнувајќи од безимена држава, разорена економија, армија на невработени, огромна сиромаштија, опљачкани штедачи, разочарани граѓани што во целост ја имаа изгубено вербата во подобра иднина.

Но, СДСМ никако не ја научи лекцијата. Партијата не се промени. Навистина се променија неколку лидери, но не се променија методите и политиките на дејствување. Не се променија методите и техниките за доаѓање на власт-СДСМ ни тогаш, ни сега, не покажаа никаква визија за Македонија, не понуди никакви идеи, ниту проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија. И тогаш и сега, лагите, местенките, конструкциите, креирањето тензии, се методи за доаѓање на власт на оваа партија. Дури и лидерските смени беа само маневар на т.н. елита на СДСМ да остани на власт. Тие не дозволуваа некоја нова личност од нивните редови да се профилира во јавноста.

Но, забораваат на фактот дека граѓаните веќе не се истите од пред 20-тина години. Денес граѓаните на Република Македонија не се информираат само од еден ТВ канал и два три весника (и тоа сите под нивна контрола), за да бидат манипулирани. Од друга страна граѓаните се доволно искусни што веќе кај нив не поминуваат ефтините финти на фраерите од СДСМ. Граѓаните денес бараат лидери кои имаат реално остварлива визија, лидери што знаат како да ја реализираат таа визија, која ќе значи пред се, повисок стандард и просперитет. Маалските фраери се минато за Македонија.

Или како што своевремено се изјасни нивниот екс-лидер, “Со ситни души држава не се прави”. Само ситни души нудат лаги, се служат со манипулации и местенки. Лидерите имаат визија.

                                                                                   

 Иле Тасески

Aвторот на текстот е Дипломиран економист




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.