2006 година за Република Македонија претставува по многу нешта пресвртна година. Таа година од власт си замина т.н. „државотворна“ партија-СДСМ. Со нејзиното заминување, за жал не заминаа и лицата што во името на оваа партија владееја со државата (тие се уште некако опстојуваат), но беше сменета идеологијата, односно методите и политиките на нејзиното дотогашно владеење. Што оставија зад себе? Оставија вистински економски пустош, уништена економија, затворени фабрики, огромна армија на невработени, огромна сиромаштија и економска бесперспективност. Но, оставија и понижена нација, држава со контраверзно име, Рамковен договор и замрзнат меѓунационален конфликт.
Денес 2016 година ситуацијата е сосема различна, без разлика дали некој ќе го негира тој факт. Особено на економски план. Разликата пред се може да се забележи во речиси преку сите економски показатели, како што се раст на БДП, раст на извоз, раст на девизни резерви, раст на странски директни инвестиции. Но најдобар показател што ја илустрира таквата состојба е стапката на невработеност. Ако за времето на СДСМ во 2005 година невработеноста била на ниво од 37%, денес во 2016 година е сведена на 24,5%. Иако, и ова ниво е големо, сепак падот за 12,5% претставува историски успех од два аспекти: прво, претставува континуиран пад од 2006 наваму, нешто што не беше својствено за периодот пред 2006 година, и второ, перспективите за понатамошен пад на невработеноста се позитивни, имајќи ги предвид најавените пред се, странски инвестиции, но и очекувањата за зголемување на домашните инвестициски активности.
Што се смени во периодот од 2006 година наваму? Многу работи. Прво се смени партијата на власт. ВМРО ДПМНЕ како владејачка парија донесе нови лица во политиката, но и нови политики. ВМРО ДПМНЕ пред граѓаните излезе со конкретни проекти и временски рокови за реализација, со што понуди реална, остварлива и економски просперитетна визија. Потоа посветено продолжи со реализација на зацртаната програма.
Главен приоритет на владите на ВМРО ДПМНЕ во овој период беше борбата со невработеноста и сиромаштијата. Намалувањето на високата невработеност и сиромаштијата кај граѓаните беше главна цел кон која беа насочени сите останати политики.
Што се смени во економијата? Во економијата се промовираа нови политики со кои се креира нов стимулативен економски амбиент, ново поволно економско опкружување, односно нова поволна економска рамка за дејствување и на бизнисот и на трудот. Во што се состоеа овие нови политики:
Прво, Владата на ВМРО ДПМНЕ го воведе т.н.„рамен данок“ со што изврши изедначување на данокот на добивка и персоналниот данок на доход на ниво од 10%. Во рамките на промена на даночната политика се воспостави таков даночен систем што го фаворизира реинвестирањето на добивката, односно се воведе 0% данок на добивка на реинвестираната добивка.
Второ, Владата на ВМРО ДПМНЕ неколкукратно изврши намалување на висината на стапките на придонесите со што влијаеше врз намалување на цената на трудот, а со самото тоа и на трошоците на работењето на бизнисот. Од друга страна, со воведувањето на концептот на „бруто плата“, како и пропишувањето на законска „минимална плата“ на вработените им гарантираат минимални примања како и редовност на тие примања. Со тоа се имаше за цел да се спречат секакви злоупотреби на работодавачите на грбот на работниците. А за злоупотребите што се случување на ова поле во претходниот период може многу да се пишува.
Трето, Владата на ВМРО ДПМНЕ изврши намалување на царинските стапки за увоз на производи што се битни за одредени економски сектори во македонската економија, како што се земјоделието, туризмот, некои индустриски гранки и сл. Сето ова имаше за цел намалување на трошоците на бизнисот а со тоа подигнување на конкурентската способност на македонските фирми, односно на македонската економија како целина.
Четвто, Владата на ВМРО ДПМНЕ изврши прераспределба на буџетските расходи во корист на одредени категории граѓани, а особено во корист на капиталните расходи. Од една страна, за прв пат беа воведени субвенции за земјоделците, со што се подобри нивната финансиска состојба и се стимулираа за поголемо производство. Се зголемија платите на администрацијата, пензиите и социјалните трансфери и се воведоа нови социјални надоместоци, особено за најранливите категории граѓани. Но, од друга страна, како најважен момент пред се, е зголемувањето на обемот на капиталните инвестиции, со што се даде дополнителен позитивен импулс врз домашната економска активност. Во овој период започнаа да се реализираат големи инвестиции во патната и железничката инфраструктура, започнаа да се градат нови магистрални, регионални и локални патишта, се осовремени железничкиот сообраќај, но се продолжи со засилено темпо и со инвестициите во образованието, здравството и другите сфери на општественото живеење.
Петто, Владата на ВМРО ДПМНЕ формира неколку технолошко-индустриски развојни зони, лоцирани во различни делови од Република Македонија и пропиша посебни услови за работа во тие зони.
Шесто, Владата на ВМРО ДПМНЕ спроведе кампања во светски рамки „Инвестирај во Македонија“, ангажира лица за економска промоција и одржа голем број т.н.„ роуд шоу“ средби со кои ги презентирање инвестициските можности во Република Македонија.
Резултат на сето ова е следното:
-странските директви инвестиции во Република Македонија во периодот од 2007-2014 година изнесува околу 2.200 мил. евра што претставува далеку поголем износ од оној постигнат во претходниот период. Долг е списокот на странски инвеститори што до сега инвестирале, но и на оние кои имаат намера да инвестираат не само во ТИРЗ, но и надвор од ТИРЗ, во повеќе општини во Република Македонија.
-најголем дел од отворените фабрики во ТИРЗ, односно т.н. „грин филд“ инвестиции, пред се се извозно ориентирани фирми. Тоа од своја страна влијаеше врз подобрување на висината и структурата на извозот и увозот, како и стеснување на трговскиот дефицит.
-како резултат на новоотворените капацитети, од една страна и дополнителниот стимул на истите врз домашните фирми, но и буџетскиот стимул врз домашната економија, растот на БДП во претходните години е позитивен. Исто така, во периодот на светската економска и финансиска криза, во Република Македонија немаше драстичен пар да економската активност. Сето ова ја прави Република Македонија земја што не трпеше сериозни последици од светската еконмска и финанскиска криза, нешто што им се случи на поразвиени земји од нас, туку како земја-позитивен пример на водење на економска политика.
Сето тоа денес резултира со намалување на стапката на невработеност од 37% во 2006 година на 24,5% во првиот квартал од 2016 година.
Затоа 2006 година навистина претставува пресвртна година за Република Македонија. Од таа година се смени речиси се: од владата до перспективите во иднина. Од бесперспективност, апатија, сега имаме надеж дека работите одат на подобро.
Но, за жал овде повторно дојде до израз СДСМ и нејзините политики. СДСМ во периодот 2006-2016 година не доби ниту еден изборен циклус, без разлика дали станува збор за парламентарни, локални или претседателски избори. Ваквата состојба на политичка дефанзивност не им оди во прилог на т.н. „елита на СДСМ“. Наместо во сопствено повлекување и давање на простор на останатите членови кои искрено и чесно сакаат да и помогнат на таа партија, а со тоа и на Република Македонија, тие се ставија во функција на некои други структури и започнаа една крајно ризична операција (ризична пред се за Република Македонија) за соборување на власта на ВМРО ДПМНЕ. Оваа „елита“ наместо со визија, со проекти, со идеи како да ја стави Македонија на патот на напредокот и просперитетот, во период од речиси две години (2015-2016 година) се занимава со тоа како да дојди на власт без избори. Најпрвин го поставија аболицираниот градоначалник Зоран Заев, човек со крајно сомнително минато (бидејќи доби аболиција од неговиот ментор, па не се расчистија сомневањата), а за негов заменик ја ставија Шеќеринска, човек што во својата политичка кариера сменила неколку функции, а не оставила зад себе никаков проект или дело во корист на Македонија, туку беше слеп послушник на Црвенковски, а со тоа и подеднакво одговорна за сите промаршувања на СДСМ. И така ова раководство што е крајно неинвентивно, неспособно да ја сфати сегашноста се обидува преку стари комунистички методи да ја собори легално избраната власт и себе си да се инсталира на тоа место. Речиси две години ги малтретираа граѓаните преку разни шарени револуции, бојкоти, барикади на патишта и улици и некакви герила акции.
Последиците на овие т.н. „револуционерни“ активности повторно ги чувствуваат граѓаните. Иако штетата врз економијата не е особено голема, сепак сето ова влијаеше врз забавувањето на позитивниот тренд на раст и развој на македонската економија, а со тоа и врз подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
Но, денот за полагање на сметките се ближи. На 11 декември оваа година конечно треба да се одржат вонредни парламентарни избори. На овие избори граѓаните треба да се изјаснат дали ги поддржуваат политиките за економски раст и развој на ВМРО ДПМНЕ или политиките на аболицираните и транзициските политичари чии резултати не е можно да се препознаат. На 11 декември пред народот ќе се соочи и ВМРО ДПМНЕ со резултатите од своите политики во овие десет години, но и СДСМ со резултатите од нивните т.н. „бомби“, шарени револуции и герила акции.
На крајот граѓаните се тие што ќе одлучат. Од нивната одлука во голема мера ќе се дефинира и поблиската иднина, како за ВМРО ДПМНЕ и за СДСМ, но пред се за граѓаните на Република Македонија, особено за Македонците.
Денес граѓаните не се истите од пред 20-тина години кои, пред се поради неинформираност лесно ги „купуваа“ ефтините финти на малските мангупи. Не се исти затоа што веќе имаме нови генерации кои тогаш и не биле родени, а денес се полнолетни, но и повозрасните граѓани стекнале доволно политичко искуство. Едноставно старите финти веќе се прочитани.
И сосема на крај, нека ни е честит 8-ми Септември, денот на независноста на Република Македонија. Да живее Република Македонија.
Иле Тасески
Дипл.економист