(Фото/Видео) ГОЛЕМ ГРАД! Недопрениот преспански бисер кој плени со својата убавина, мистичност и историја

Змиски Остров или Свети Петар е остров во Преспанското Езеро и е најголем остров во Република Македонија.

Голем Град е едно од најатрактивните места, со остатоци од населби од неолитот, хеленистичкото и римското време, некропола од римскиот период и средновековието, како и со откриените шест цркви од некогаш постојните дванаесет. Се претпоставува дека во античкиот период тука живеело македонското племе Орести, за кое сведочат ископаните гробови на свештеници.

Најстарите археолошки остатоци што укажуваат на човечко присуство на островот потекнуваат од периодот на младото камено време, уште пред 7.000 години!

Според истражувањата на научници од државата и странство, на островот Голем Град, освен желки, има илјадници змии, влечуги, птици… Тие велат, Голем Град е мал европски скапоцен камен со недопрена природа, како од времето на настанокот на планетата Земја.

На островот Голем Град е забележана најгустата популација од змијата поскок. Маркирани се околу 600 поскоци, а проценката е дека има околу 1.500 – 1.800 единки, кои живеат на површина од 18 хектари, што значи 100 единки мал џуџест поскок на еден хектар, што, според научниците, е неверојатна густина на популацијата.

На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културно-историски споменици. Освен сочуваната црква “Св. Петар”, средновековната црква “Св. Димитрија” постои и ранохристијанска базилика, каде се откриени остатоци од поден мозаик.

Голем Град е посебна атракција како резерват од ретки билки. Богат е со растителни и животински видови, од кои некои се ендемски, а стручњаците за флора и фауна, по барање на UNESCO, моментално вршат нивен попис. На површина од 20 хектари успеваат да опстанат различни и ретки видови растителен и животински свет

Голем Град е едно од најатрактивните места, со остатоци од населби од неолитот, хеленистичкото и римското време, некропола од римскиот период и средновековието, како и со откриените шест цркви од некогаш постојните дванаесет. Се претпоставува дека во античкиот период тука живеело македонското племе Орести, за кое сведочат ископаните гробови на свештеници. На островот постоел континуиран живот од дваесетина века и манастирски живот кој се одвивал од X до XIV век.

На југозападните пештерски карпи се наоѓа глаголски натпис со флоренски крст, како најстар пишан споменик во Преспа. Се претпоставува дека потекнува од времето на просветителската дејност на Св. Климент Охридски (IX век).

Голем Град е дел од Националниот парк Галичица. Од 14 јули 2008 година Голем Град е отворен за посетителите. Направени се камени патеки и поставени се патокази со информации за посетителите на македонски и на англиски јазик.

Постојат многу легенди за островот. Една од нив кажува дека царот Самуил имал ќерка Преспана, која живеела во крајбрежното село Царев Двор. Била надалеку позната по својата мудрост, убавина и храброст. Кога разбрал еден византиски дворјанин, според некои преданија цар Василиј, решил да ја побара нејзината рака. Кога дошол по неа, не сакајќи да стане сопруга на противникот на нејзиниот татко, Преспана се фрлила во езерото. Оттогаш до ден денешен тоа езеро се вика по неа – Преспа.

Една друга легенда вели дека Крали Марко, додека се шетал покрај Преспанското Езеро, посакал да го види и езерцето Мала Преспа. Се качил на еден камен и, така силен, на него оставил отпечаток од стапалото. Тоа парче карпа и денес стои таму, на граничниот премин со Грција, кој и го носи неговото име и привлекува голем број туристи. Велат, ако го ставите своето стапало, ќе забележите дека Марко сигурно носел обувки барем со број 90.

Посетете го овој недопрен преспански бисер, последното скривалиште на природата!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.