На американската црна листа ставена македонска компанија

Американското Министерство за трговија денеска ја стави македонската компанија Сајтрокс од Скопје, која е дел од мрежа компании, кои развија шпионски софтвер. Покрај скопската компанија на американската црна трговска листа се најдоа унгарска компанија за надзор Сајтрокс и грчка фирма Intellexa, која со свој огранок делува и во Ирска. Веста ја објави Балкан Инсајд.

За шпионскиот софтвер во април годинава пишуваше ИРЛ, која објави дека софтверот за следење на комуникациите „Предатор“ којшто беше во центарот на меѓународен шпионски скандал бил незаконски развиен во Скопје од страна на компанијата „Сајтрокс“ и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелскиот бизнисмен и поранешен висок воен чиновник од Израел Тал Дилијан. „Документи од поранешната Управа за контраразузнавање од 2017 година покажуваат дека надлежните имале информации што се развива во Скопје, но ги затвориле очите. Софтверот бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонензија, Мадагаскар, Оман, Саудиска Арабија и други земји, а канадската универзитетска организација Ситизен Лаб во декември 2021 година откри дека супериорниот софтвер се користел за незаконско следење на граѓани“, напиша ИРЛ.

Додека во Македонија шпионскиот софтвер не беше тема, во соседна Грција, седиштето на втората компанија од американската црна листа, Intellexa, ова беше голема тема.

Грчкото обвинителство отвори истрага за тврдењето на новинар дека неговиот паметен телефон бил заразен од софтвер за надзор во операција на разузнавачката служба на земјата. Според исказот на новинарот во неговиот телефон бил внесен малициозен софтвер, Predator од Cytrox. Обвинителството ги истражуваше навосите дека овој шпионки софтвер, се продава во Грција од грчката компанија Intellexa. Беше покрената и парламентарна расправа, коба беше сослушан и грчкиот шеф на разузнавањето, како и тврдењето дека Intellexa работи со разузнавачки агенции во Југоисточна Азија и Европа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.