Фејсбук статус на Марко Виденовиќ кој секого ќе го замисли
“Ги одзедоа прегратките, оти биле заразни, и тоа не само оние со пријателите, туку и оние помеѓу децата и родителите, внуците, бабите и дедовците. Мислиш, ништо не е тоа, само обична прегратка, а забораваш дека кога е убаво и среќно, бараш и даваш прегратки, но и кога е најтешко ти треба прегратка, а впрочем сега е такво, неиздржливо и тешко, плаче душава за силна прегратка.
Го одзедоа ракувањето, го заменија со удар на две тупаници, а има ли нешто поубаво од силен стисок со пријател, познаник стар или нов, та преку ракувањето да осетиш, да осети што душа носиш, дал е млитава и студена или врела и човечна.
Ја одзедоа културата, онаа храна духовна. Пред празна сала, тажни уметници, полни со заробени емоции, а гладна публика, одделена од најудобните неудобни столчиња во кои убавина се добива, убавина на душата.
Го одзедоа спортот, празни трибини, а на теренот, празни натпреварувачи со преполни џебови, без жар и емоции.
Ја одзедоа слободата и со стравот ја заменија. Сега стравот е чувар на животот, а слободата стана сестра на смртта и болеста, оти проповедаат дека слободата нѐ заразува.
Ги одзедоа мислите со приказни за чипови налик метални иглички, а има ли пострашен чип од оној невидливиот, оној што со гола рака не се допира туку преку вестите и проповедите се врежува во мозокот.
Го одземаат образованието, а тоа е најсилното оружје против секое зло. Со образованието ќе ни го одземат и најмилото оти ќе направат тоа само да се одземе од себе и нив да им припадне, та да можат да управуваат како што ќе посакаат.
Пополека ја подриваат и ја одземаат храброста и ни го подметнуваат стравот како жарче во сува ливада. Подметнуваат кај оние најпогодените, болните, изнемоштените, постарите, а тие со право исплашени се полнат со гнев кон нас, плашејќи се за своите животи кои всушност како и нашите, не се животи туку преживувања во време на измачувања.
Нема да нѐ изедат, само ќе нѐ доведат до стадиум самите меѓу себе да се изедеме и така во историјата ќе остане запишано дека сами сме се уништиле помеѓу себе, а со тие лекции ќе ги заплашуваат следните генерации.
Од утре, ма не од утре, уште од сега навлечете ги маските и преку очите, за да ви биде барем на очите полесно додека не гледате како се гуши човештвото, оти ова што ни пречи на устата и носот е само припрема за гушењето што нѐ очекува. Се надевам дека ќе заѕвони алармот кај повеќето пред да биде предоцна и дека ќе скокнеме отсечно за да излеземе од кошмаров во кој сме заглавени.
Се надевам дека ќе запролети есенва.
Да запролети есенва”.